Контраспин: Повисоките казни во измените на КЗ за корупцијата, според експерти и пратеници, се привид
2026-01-26 - 15:07
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, како еден од предлагачите на новите измени на Кривичниот законик, делумно ја извртува вистината дека со измените се предлагаат заострени казни Пишува: Теофил Блажевски Еден од предлагачите на новите измени во Кривичниот законик, пратеникот Бојан Стојановски изрази став во јавноста во кој може да се детектира извртување на вистината: Спин: „...Во Кривичниот законик којшто ќе го изгласаме во петок се заострени сите казни, ние одлучивме како пратеници согласно уставните надлежности да предложиме повисоки законски казни, затоа што еднаш засекогаш мора да покажеме дека секој во оваа држава треба да знае дека треба да работи по закон, и нема недопирливи, правдата треба да ги стигне сите“, дециден е Стојаноски. [Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Бојан Стојановски/Њузмакс Балканс; Датум – 21.01.2025 г.] Контраспин: Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски како еден од предлагачите на новите измени на Кривичниот законик, делумно ја извртува вистината дека со измените се предлагаат заострени казни затоа што според експертската јавност поврзана со борба против корупција, и според дел од пратениците од други партии кои поднесоа амандмани на предложените измени, де факто станува збор за привид кај одредени членови од законските измени, при што се понудени серија прецизни аргументи. Измените на КЗ, кога е пишуван овој текст (23.01.2026), треба да бидат на второ читање пред надлежната собраниска комисија, а Стојановски уште два дена претходно кога е дадена изјавата, е сигурен дека измените предложени од него и други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат усвоени. Патем, со овие измени треба да бидат отстранети штетните последици во самиот закон, од измените на КЗ во септември 2023 година, кога тогашното владејачко мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ успеа да „олесни“ повеќе дела поврзани со злоупотреба на службената должност и овластување, со што повеќе десетици активни судски и предмети со покренат обвинителен акт застареа, вклучувајќи и предмети што ги водеше поранешното СЈО. При ова треба да се има предвид дека и во овој текст се зборува за сега предложените измени кои се поврзани со членот 353 кој ја регулира злоупотребата на службената должност и овластувања, а не за другите измени поврзани и со Истанбулската конвенција и со Сејф сити, каде што навистина има заострување на казнената политика и воведување на нови одредби. Овие измени беа доставени до Собранието пред Нова година, меѓу другото и поради изричното барање на Уставниот суд кој оцени дека измените од 2023 г. се неуставни и го задолжи Собранието да ги отстрани од законот и да достави измени. Оттогаш се одржаа јавни расправи, вклучувајќи ја и неодамнешната во Собранието, при што и луѓе од правосудството и експерти кои се занимаваат со борба против корупција изразија сериозни забелешки и децидни тврдења дека со новопредложените измени се намалува застареноста на кривичните дела против корупција, дека се изоставени клучни термини и со тоа се декриминализираат одредени дела. Ставови на дел од експертите Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, кои активно учествуваа и во јавните расправи, во пресрет на денешната седница испратија заеднички став во кој недвосмислено се наведува дека предлог измените „дополнително ја ослабува казнено-правната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба“: На јавната расправа беше укажано дека предложените измени, особено кај член 353, ја сведуваат кривичната одговорност на исклучително тесен и практично неприменлив опсег. Со тоа, во суштина се декриминализираат најчестите и најштетни форми на корупција во јавните набавки – фаворизирање, селективно постапување, прилагодување на тендерските услови, склучување договори без реална потреба и толерирање на незаконитости. Ваквиот пристап создава правна несигурност и реален ризик од прекин на тековни истражни и судски постапки, бидејќи обвинителството и судовите ќе останат без правна основа за постапување во најголем дел од случаите – се наведува во заедничкиот став. Во соопштението, наместо за „заострени казни“, се зборува за одредби со кои се намалуваат максималните казни, а со тоа и роковите за застареност кои постоеле во одредбите од 2023 година кои беа сменети: Посочивме и дека предложеното решение ја ограничува „користа“ исклучиво на имотна корист, што е спротивно на европските антикорупциски стандарди и ја исклучува одговорноста за бројни неконвенционални, но широко распространети форми на корупција, како фаворизирање, непотизам и стекнување нематеријални привилегии. Намалувањето на максималните казни, пак, директно влијае врз роковите на застареност, кои се преполовуваат, иако меѓународните тела континуирано укажуваат дека кај високата корупција е неопходен подолг период за откривање, истрага и гонење. Амандмани на дел од пратениците Не само дел од експертската јавност, туку и дел од пратениците кои учествуваат во расправата поднесоа вкупно 13 амандмани на предложеното законско решение за кои се расправа на денешната (23.01.) седница на соодветната собраниска комисија. Дел од овие амандмани се однесуваат на новопредложените кривични дела со кои се врши усогласување со Сејф сити и со трговијата со деца, но дел се однесуваат на членот 353 и се бара заострување на казнената политика и воведување нови термини со кои би се олеснила борбата против корупцијата. Такви на пример се амандманот на пратеничката и лидерка на ЛДП Моника Зајкова, кој се однесува на членот 353-в, и амандманот за истиот член поднесен од Јована Мојсовска, пратеничка од Левица, при што во образложението се зборува за потребата од „заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од службени и одговорни лица кои вршат јавни функции“, како и вториот амандман од Мојсовска кој се однесува на членот 353, каде што е наведено истото образложение за заострување на казнената политика. Амандман во однос на 353-в има и од други пратеници од опозицијата, поднесен од пратеничката Соња Мираковска, кој повторно се однесува на заострување на казнената политика, но овој пат со прецизирање на термините во одредбите од овој член на измените. Имајќи ги предвид ставовите на дел од експертите и амандманите на дел од пратениците, може да се изнесе следната оценка: ставот на Стојановски дека со предложените измени се „заоструваат сите казни“ е всушност своевидно извртување на вистината, т.е. спин, кога станува збор за членот 353 од предложените измени. Измени кои носат намалување на горните граници на застареност и испуштени термини и јасни дефиниции за сторители на кривични дела од областа на корупцијата не може да се сметаат за заострување на казнена политика. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар