„Досие“ државен јавен обвинител: Меѓу притисокот на политиката, правдата и личниот интегритет
2026-02-03 - 10:28
На чело на оваа водечка и клучна институција во борбата со високопрофилен криминал се гласаа личности предложени од извршната власт, а заминуваа од позицијата со бројни критики за непрофесионалност и пристрасност во работата, пишува Порталб Од заменик во Јавното обвинителство на тогашната Социјалистичка Р. Македонија, Марко Бундалевски во 1988/89 година застанува на чело на оваа институција и ќе ја води до 1996 година. Бундалевски, фактички, бил првиот републички јавен обвинител во независна и суверена држава Р. Македонија. Втор шеф на државното Јавно обвинителство станува Стеван Павелски, како предлог решение на тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Павлески застана на чело на оваа институција во историски период кога тогашната СДСМ имаше неприкосновена апсолутна власт во државата. Токму во овој период се спроведува контроверзната операција за назначување на стотина судии низ државата – потег кој до ден денес се коментира како спорен од страна на аналитичарите. Павлески оваа функција ја врши од 1996 до 1999 година. Многу години подоцна се појави како бранител, односно адвокат на дел од обвинетите во аферата „Рекет“, меѓу кои и на Катица Јанева, но само за неколку денови се повлече од улогата на нејзин адвокат. Во историски турбулентни и критични години за безбедноста и за иднината на државата, Републичкото јавно обвинителство го водеше Ставре Џиков. На оваа функција беше именуван во 1999 година и ќе ја води институцијата до 2002 година. Во мандатот на Џиков, кој го опфаќа и конфликтот од 2001, покренати беа истрагите и обвиненијата за воени злосторства против т.н. ОНА и ја започнал соработката со трибуналот во Хаг. Од позицијата заминува по парламентарните избори во 2002 година, кога власта преминува во рацете на СДСМ. Џиков беше сменет по предлог на тогашната Влада, со образложение дека работел несовесно и нестручно, а од собраниската дебата се слушнаа и обвинувања дека ги штитeл интересите на тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По предлог на Владата, во 2003 година Собранието го изгласа Александар Прчевски за нов државен јавен обвинител. Остана запаметен по легендарната изјава: „Веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител“, која се цитира до денес. Промената на политичката гарнитура во Власта донесе нова „репризирана“ епизода за идниот јавен обвинител – Прчевски беше обвинет за штитење на интересите на власта предводена од СДСМ. Во 2007 година Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го предложи, а Собранието го изгласа наследникот на Прчевски – нов републички Јавен обвинител стана Љупчо Шврговски. Ќе биде во врвот на обвинителската служба до 2013 година. Кога се менува власта нормално е дека секој власт сака да си предложи свој обвинител, притоа кога велам „свој“ не мислам лично нејзин туку обвинител во кој има доверба – изјави Шврговски веднаш по заминувањето од функцијата. Во период на неговото „шефување“ големи, односно високопрофилни предмети, „паднаа“ на Апелација, но ваквиот епилог, Шврговски не го сметаше за неуспех. За време на неговиот мандат шеф на тајната полиција беше Сашо Мијалков, подоцна обвинет и осомничен во повеќе предмети на СЈО, а како еден од неговите бранители беше токму Шврговски. Во предворјето на избор на нов републички јавен обвинител, Шврговски одлучи да не се кандидира за уште еден мандат. Во јануари 2013 година за шеф на Државното ЈО е изгласан Марко Зврлевски. Следува турбулентен приод во кој јавноста бараше одговори на бројни прашања поврзани со начинот на трошење на народните пари. На Зврлевски му се адресираат големи критики за недоволна иницијативност за постапување во тогашните афери како „Скопје 2014“, „Македонска банка“, „Актор“, а особено останува забележано нереагирањето по тешките инциденти во Парламентот на 24 декември 2012 година, кога пратениците на тогашната опозициска СДСМ беа насилно исфрлени од салата за време на расправата за усвојување на Буџетот. Подоцна работата на Зврлевски ќе биде на удар на жестоки критики за постапката во случајот „Пуч“, како и за начинот на кој ја водеше истрагата за 27 април. По изборите во 2017 година, Владата предводена од СДСМ ургентно предложи нов републички Јавен обвинител – Љубомир Јовески застанува на чело на оваа институција на крајот од 2017 година и ќе ја води сè до крајот на 2023 година. Тој како и Шврговски останува во врвот на обвинителството до крајот на мандатот. Јовески го води обвинителството во период на избивање на една од најголемите афери – „Рекет“, поврзана со неговите колеги од тогашното СЈО, а во фокусот беше и поради отворена вербална кавга со Вилма Русковска, тогашната шефицата на ОЈО ГОК. Јовевски ја напушти функција откако се пензионираше, пред околу една и пол година. За негов наследник беше изгласан Љупчо Коцевски. Од позиција на опозиција ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше неговата работа, а по промената на власта започна постапката за негово разрешување, но беше стопирана поради кочанската трагедија. Мандатот на Коцевски ќе го одбележи предметот „Пулс“ кој се смета за еден од најголемите и најкомплексните во историјата на државата. Коцевски, непосредно пред гласањето за неговото разрешување во Собранието, поднесен оставка. Македонија треба да го добие 9-от републички јавен обвинител во независна држава, а 19–от од Втората светска војна. Процедурата за избор веќе е започната, а за позицијата има пет кандидати