Нова телефонска измама со лажни казни за сообраќајни прекршоци
2026-03-11 - 12:17
Лажни СМС пораки за наводни сторени сообраќајни прекршоци добиваат граѓани, кои за ова пријавуваат во Министерството за внатрешни работи (МВР), соопштуваат во СВР Охрид. Според пријавеното, граѓаните пријавувале дека на нивните мобилни телефони добиваат СМС пораки во кои се известуваат дека нивното патничко моторно возило било евидентирано за сообраќаен прекршок. Од СВР Охрид информираат дека во пораките се наведува дека тие се испратени од Одделението за моторни возила при МВР, како дел од системот „Безбеден град“. Во содржината на пораката се дава и електронска адреса на која, наводно, може да се проверат деталите за прекршокот. „Во пораките, исто така, се наведува дека доколку казната се плати во рок од осум дена, таа ќе биде намалена за 50 проценти. Станува збор за лажни пораки и класичен обид за измама, со цел противправно стекнување парични средства. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни, да не ги отвораат линковите во ваквите пораки, да не го контактираат испраќачот, да не споделуваат лични податоци и да не вршат уплата на парични средства“, информираат од СВР Охрид.