Намален е бројот на заболени од грип
2026-03-05 - 15:37
Вкупно 767 случаи на случаи на грип или заболувања слични на грип се регистрирани во последната недела, односно во периодот од 23 февруари до 1 март годинава. Бројот на нови случаи на грип, според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), е за 31,1 помал во споредба со претходната недела. Во последните недели се забележува тренд на намалување на бројката на заболени и можеме да кажеме дека регистрираната инциденца е во рамки на ниската активност“, вели директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска и додаде дека согласно овие податоци, во Македонија има низок интензитет на вирусот на грип. Најмногу заболени има во Скопје или 447, во Прилеп и Тетово по 45, во Струмица 39, Штип 30, а во Гевгелија, Охрид, Куманово, Дебар, Струга, Свети Николе, Гостивар, Радовиш, Пробиштип, Кичево, Битола, Кавадарци, Неготино, Македонски Брод, Велес, Крива Паланка, Валандово, бројот на заболени е помал од 30. Во Демир Хисар, Ресен, Кочани, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово и Крушево нема пријавени лица заболени од грип. Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 15 751, а досега се регистрирани вкупно четири починати лица асоцирани со грип. Заклучно со минатата недела, во Македонија, вакцинирани се вкупно 79 119 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.