Русија го ограничува пристапот до „Телеграм“
2026-02-11 - 10:28
Руските власти започнаа да го ограничуваат пристапот до „Телеграм“, една од најкористените апликации за комуникација во земјата, а владата продолжува да ги насочува Русите кон сопствени, строго контролирани алтернативи на странските технолошки платформи, пренесува „Си-Ен-Ен“. Руската Влада соопшти дека го ограничува пристапот до „Телеграм“ „за заштита на руските граѓани“, обвинувајќи ја апликацијата дека одбива да блокира содржини кои властите ги сметаат за „криминални и терористички“. Руското регулаторно тело за телекомуникации, „Роскомнадзор“, во соопштение информира дека ќе продолжи да ја ограничува работата на апликацијата „Телеграм“ „сѐ додека не се отстранат прекршувањата на руското законодавство“. „Личните податоци не се заштитени и нема ефективни мерки за спречување измами или користење на сервисот за криминални и терористички цели“, соопштија во „Роскомнадзор“. „Телеграм“ ги отфрли овие тврдења, наведувајќи дека активно се бори против штетната употреба на платформата. Руската државна новинска агенција „ТАСС“ објави дека „Телеграм“ се соочува со казни од 64 милиони рубљи (828.000 долари) поради наводно одбивање да отстрани забранета содржина од платформата и поради недоволна саморегулација. Откако мерките стапија во сила во вторникот, корисници низ Русија пријавија сериозни прекини, при што илјадници се пожалија дека апликацијата не работи или функционира побавно од вообичаено, според веб-страницата за следење дигитални услуги „Downdetector“, која регистрирала повеќе од 11.000 поплаки во изминатите 24 часа. Апликацијата „Телеграм“ ја користат милиони луѓе во Русија, вклучително и војската, високи државни функционери, државните медиуми и владини институции, меѓу кои и Кремљ и самиот „Роскомнадзор“.