Иранската гарда не јавила дека е убиен командантот на израелските воздушни сили
2026-03-05 - 08:37
Објава на Фејсбук тврди дека во ракетен напад загинал Томер Бар, командантот на израелското воено воздухопловство, што го темели врз извитоперена изјава на иранската Исламска револуционерна гарда. Објавата е неточна и дури е попропагандистичка од она што го објавуваат иранските извори, кои се озлогласени по пропагандата, пренесува Вистиномер. Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели: Корпусот на Исламската револуционерна гарда објави дека командантот на израелските воздухопловни сили, генерал Томер Бар, е убиен во напад со хиперсоничен балистички ракете напад. Овој настан претставува најголема загуба за Израел досега. Објавата е неточна и дури е попропагандистичка од она што го објавуваат иранските извори, кои се озлогласени по пропагандата. Корпусот на исламската револуционерна гарда (познат и под називот Сепах) е една од неколкуте компоненти на вооружените сили на Иран, но таа нема објавено дека тие го ликвидирале Томер Бар, командантот на израелското воено воздухопловство, чие загинување не се споменува во ниту еден релевантен светски медиум. Тоа го нема ни кај најстарата и најмоќна новинска агенција во Иран – ИРНА, која е под контрола на тамошните власти, па би било невозможно таа да премолчи еден таков воен успех – ликвидација на непријателски командант од толку висок ранг како Бар. Она што Корпусот го тврди е дека тој извршил ракетни напади врз седиштето на премиерот на Израел и командантот на неговите воздушни сили, а јасно е дека се мисли на Бенјамин Нетанјаху и Бар, иако тие тука не се именувани. Според Корпусот, судбината на Нетанјаху по тој напад е „неизвесна“, а за онаа на Бар не се вели ништо. Корпусот објавил и еден клип, кого го симнавме и потоа го качивме во алатка за вештачка интелигенција за таа да ни го преведе, а во него се изнесени исти тврдења како и претходно наведените. Сето тоа е објавено на телеграм-каналот на Корпусот, до кого стигнавме преку линк наведен на дното на неговиот сајт за новости. Тој повеќе не ни се отвора, најверојатно заради воената состојба, па еве линк до негова архивска копија. Tелеграм-каналот на Корпусот си работи нормално. Тие тврдења на Корпусот ги пренесе и најмоќната кинеска агенција Синхуа, поточно нејзиното издание на англиски јазик, но, иако Кина му е наклонета на Иран, таа не споменува некакво загинување на Бар, туку само наводен напад врз неговото седиште. На крај, како што јавија израелските медиуми и како што кај нас пренесе Мета.мк, кабинетот на Нетанјаху ги отфрли тие тврдења на Корпусот за нападот врз седиштето на премиерот и не потврди загинување на Бар, а такви вести за негово загинување веќе имаше во 2024 г. Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата, којашто тука ја рецензиравме, ја оценуваме како невистинита. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар