TheNorthmacedoniaTime

Државата ќе ги искористи сите механизми за заштита на македонските граѓани

2026-03-08 - 13:17

Државата ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на македонските граѓани, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски и најави дека уште истиот ден ќе стапи во контакт со адвокатот Тони Менкиноски, со кого има комуникација. -Денеска ќе го побарам адвокатот Менкиноски и како држава ќе ги искористиме сите алатки кои ни стојат на располагање за да го заштитиме секој македонски граѓанин, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, откако на Менкиноски му беше забранет влез во Бугарија до 2036 година. Претходно Мицкоски истакна дека доколку ова е вистина, тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. -Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред се мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно, рече Мицкоски во саботата. Менкиноски претходно информираше дека Бугарија му забранила влез во земјата до 2036 година. Во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно тој претставувал закана за националната безбедност на Република Бугарија. Менкиновски на прес-конференција изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија. – При преминување на границата луѓето кои работеа таму не можеа никако да го поминат мојот пасош. Ме замолија да ја тргнам мојата кола на страна и притоа ми кажаа дека од Софија добиле известување со кое мора да ме задржат бидејќи треба да добијат некои документи. После половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот, истакна адвокатот Менкиноски. Според него, оваа одлука е срам за Бугарија, но и за Европската Унија и смета дека со неа се врши заплашување на адвокатите и директно мешање во независноста на адвокатската професија. Наместо да ги спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права, вели тој, Бугарите преземаат мерки кои можат да се толкуваат како притисок врз адвокат. -Бугарија мора да ги имплементира сите 14 пресуди односно да го признае правото на Македонцитте да имаат свои клубови, своја политичка партија и свое идентификување. Сега ова е израз на немоќ сакајќи преку мене да покажат сила со тоа што не се дозволува влез на нивниот адвокат кој ги застапува пред Европскиот суд за човекови права, истакна на прес-конференцијата Менкиновски. Тој посочи дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори оваа одлука. Случајот ќе биде доставен и до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ, и Обединетите нации, како и меѓународните организации кои ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.

Share this post: