Полски ловци пресретнале руски извидувачки авион кој летал над Балтикот во меѓународен воздушен простор
2026-03-16 - 21:37
Полски борбени авиони пресретнале руски извидувачки авион над Балтичкото Море, соопшти Генералштабот на полските вооружени сили на платформата Икс. Според соопштението, рускиот авион „Иљушин Ил-20“ во петокот бил придружуван од два полски ловци МиГ-29. Објавена е и фотографија од авионот над морето. Полската војска наведе дека рускиот авион летал во меѓународен воздушен простор без поднесен план на лет и со исклучен транспондер. Полските пилоти го пресретнале авионот, го идентификувале и го придружувале додека не ја напуштил зоната на нивна одговорност, со што било спречено нарушување на полскиот, а со тоа и на воздушниот простор на НАТО. Според полската војска, ова е деветти ваков инцидент од почетокот на годината. Германските воздухопловни сили објаснуваат дека „пресретнување во воздух“ се случува кога борбени авиони се приближуваат до странски летала кои се однесуваат сомнително, при што пилотите одржуваат визуелен контакт и даваат специфични сигнали. Во такви случаи не се применува принуда за промена на курсот ниту се изведуваат опасни маневри. Ескадрила за брза реакција на НАТО (QRA) може да биде активирана веднаш штом странски авион се приближи до воздушниот простор на Алијансата и отстапи од стандардното однесување.