Заеднички концерт на Мартин Џорлев, Нинослав Спировски и Мартин Георгиевски во „ЅЕ“
2026-03-09 - 08:27
Четврток, на 12 март, со почеток од 21:00 часот, во Македонски Паб „ЅЕ“ ќе настапат со заеднички сет на импровизирана музика: Мартин Џорлев (гитара), Нинослав Спировски (саксофон, кларинет) и Мартин Георгиевски (електроника). Мартин Џорлев е широко препознаен по својот значаен придонес кон локалната и регионалната сцена, особено преку успехот на инди-рок/пост-панк бендот Lufthansa. Неговата кариера започна како дел од различни музички состави и проекти како Zulu 3.4, Lufthansa, Стој, После! и Животни. Нинослав Спировски е македонски фри-џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, тој застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми. Најпознат е по работата со Светлост и Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, а учествува и во бројни други состави. Мартин Георгиевски настапува како Amplidyne Effect од 2009 година, фокусирајќи се на електронска, амбиентална и експериментална музика, најчесто во форма на импровизирани сесии. Има издадено бројни изданија, а музиката ја изведува соло и со состави како Post Global Trio, Meissa Ionis, ТРИМА и Светлост + Odron Ritual Orchestra. Настапувал на Pohoda Festival во Словачка, PNEM Soundart Festival во Холандија, De:sonanz, Скопскиот џез фестивал и многу други. Влез: 200 мкд.