Слушачка промоција на винил-изданието на 𝙈𝙖𝙜𝙡𝙤𝙩𝙖 𝙇𝙞𝙫𝙚 на Јордан Костов Маглота секстет и Хор „Св. Злата Мегленска“
2026-02-24 - 13:26
Повелете на слушачка промоција на винил-изданието на Maglota Live на Јордан Костов Маглота секстет и Хор „Св. Злата Мегленска“!, велат организаторите. Аудиокултура 3 март 2026 (вторник) 19:00 По една од оние вечери што остануваат запишани во колективната меморија — концертот во Македонската филхармонија, на 30 јуни 2025 — овој уникатен музички настан сега добива своја винилна материјализација. Слушачката промоција во Аудиокултура е покана за повторно нурнување во таа неповторлива звучна состојба, но и за интимна, концентрирана средба со музиката на Јордан Костов, овојпат преку топлината и телесноста на грамофонската плоча. Maglota Live не е само документ на еден концерт. Тоа е звучен простор во постојана трансформација — колективен импровизаторски чин во кој се преплетуваат различни културни слоеви, инструментални традиции и вокални текстури. Настанот ги обедини меѓународниот состав на Маглота секстетот и Хорот „Св. Злата Мегленска“ во еден редок, комплексен и длабоко емотивен дијалог, чиј резултат не тежнее кон дефинитивност, туку кон отвореност, ризик и постојано преосмислување. Слушачката промоција е замислена како заедничко слушање, простор за внимание, споделување и разговор — враќање на албумот во неговата суштинска форма: како искуство што се гради во реално време, меѓу звукот и слушателот. На настанот ќе бидат достапни: — винил-изданието на Maglota Live (по промотивна цена од 1500 денари) — маици од албумите Maglota и Asphalt Calcutta (700 денари) Со секоја купена плоча или маица ќе добиете код за бесплатно дигитално симнување на сите 4 досега издадени албуми на Јордан Костов за Аксиома: Maglota Live, Maglota, Asphalt Calcutta и Kichobal.