Во Собранието се одржа комеморација за трагедијата во Кочани, одбележувањето на годишнината ќе продолжи и следните денови
2026-03-12 - 14:28
Денеска во Собранието на Македонија се одржа комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе. На коморацијата присуствуваа семејствата на жртвите од катастрофалниот пожар, како и највисокиот државен врв, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието Африм Гаши. Седницата започна со едноминутно молчење, а на присутните им се обрати претседателот на Собранието, Гаши. Тој рече дека трагичната ноќ на 16 март 2025 година остави длабоки рани во совеста на целото општество. „Оваа трагедија е и момент за размислување за сите нас и дека сеќавањето на изгубените животи треба да служи како повик за поголема одговорност, правда и совест во секоја институција и при секое донесување одлуки. Благодарни сме на сите оние кои во најтешките денови покажаа хуманост и солидарност: лекарите, медицинските сестри, пожарникарите, полицијата, волонтерите, Црвениот крст и граѓаните кои се мобилизираа за да помогнат“, рече Гаши и им се заблагодари и на пријателските држави кои ги отворија вратите и понудија помош за нашите повредени. Тој нагласи дека нема зборови или гестови кои би можле да ја ублажат болката, како и дека болката на семејствата на жртвите е и болка на сите нас. Им се обрати и на институциите од кои побара да се утврди одговорноста на сите кои дозволија да се загубат толку млади животи. „Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само вистината и правдата можат да донесат барем мал спокој за семејствата и за општеството“, нагласи Гаши. Премиерот Мицкоски денеска напиша дека беше дел од комеморативната седница во Собранието во чест на 63-те жртви од трагичниот пожар во Кочани. „Во споменот на оние кои ги загубија животите, се сплотуваме во тага, но и во надеж за посигурна иднина“, рече Мицкоски. Дел од семејствата на жртвите кои беа присутни, не беа задоволни од начинот на кој Собранието ја одбележа годишнината од трагедијата. Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица, рече дека не очекувале одавањето почит на децата да биде со еден краток говор. „Ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година, комеморација и со две страници читање на напишан текст е големо разочарување. Очекувавме за секое дете да има барем по две минути, со текст за секој посебно, но за жал, ниту едно дете не беше спомнато со име и презиме“, рече Наунова. Фото: Собрание на РСМ Семејствата замерија и што комеморацијата се одржува речиси цела година по трагичниот настан, а не порано. Одбележувањето на годишнината од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани ќе продолжи и во следните денови. Во сабота, на 14 март во Кочани ќе се одржи со богослужба во храмот „Свети Георгиј“, а на Градските гробишта ќе биде одржано опело за жртвите. Во недела ќе се одржат рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип-Кочани, а меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на Пониква и кошаркарски турнир помеѓу повредените во трагедијата. Ќе биде прикажан музичко-балетски перформанс „Кочани ви благодари“, концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“и ќе се промовира книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска. На годишнината на трагедијата, 16 март, семејствата и жители на Кочани утрото во 2:15 часот ќе се соберат пред дискотеката „Пулс“, каде ќе се одржи настанот „Светлина што останува“, Ќе биде организирана трка Свети Николе-Штип-Облешево-Кочани, а во Паркот на револуцијата во Кочани ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, со муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите. Ќе се одржи и комеморација „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ и ќе биде отворен меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“. Годишнината ќе се одбележи и со меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, во организација на Владата. На конференцијата ќе присуствуваат 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во деновите по трагедијата директно учествуваа во лекувањето на пациенти.