TheNorthmacedoniaTime

В сабота „МСУ водич“ со кустосот Бојана Јанева

2026-03-26 - 10:03

Во сабота (28 март), во 12 часот, Музјеот на современа уметност (МСУ) организира матине со водич, кустосот Бојана Јанева која за последен пат ќе ги прошета посетителите на интернационалната изложба „Истокот е сè уште можен“. Влезницата е 150ден. Изложбата „Истокот е сè уште можен“ е продолжение на соработката меѓу МСУ – Скопје и МГ+МСУМ, Љубљана што започна со заедничката изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“, која се отвори во февруари 2025 година во Музејот на современа уметност „Метелкова“. Куратори на изложбата се: Бојана Пишкур, Мартина Воук (МГ+ММСУ, Љубљана); Ивана Васева, Благоја Варшанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (МСУ-Скопје). Уметничките практики што не потекнуваат од центарот на западниот уметнички систем, туку од неговите маргини – географски, политички и симболични, можат да понудат епистемолошка и естетска рамка преку која ќе се преиспита итноста на нашиот сегашен момент. Кога на овие маргини не се гледа како простори на инфериорност, тие можат да понудат јасна источноевропска перспектива обликувана од искуството на социјализмот, колективните утопии, транзицијата, конфликтот и војната, како и колапсот на идеолошките системи во 1990-тите. Преовладувачките уметнички теми на телото, иронијата, идеологијата, доказите и утопијата, реагираат на овие историски искуства, додека истовремено се занимаваат и со комплексноста на сегашноста. Уметници: Марина Абрамовиќ | Маја Бајевиќ | Гета Братеску | Јозеф Бојс | Ала Георгиева | Томислав Готовац | Јон Григореску | Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич) | Власта Делимар | Брацо Димитријевиќ | Оршоја Дроздик | Христина Иваноска | Ѓорѓе Јовановиќ | Иван Кожариќ | Катаржина Козира | Александар Косолапов | Андреја Кулунчиќ | Владимир Купијанов | Лајбах | Казимир Малевич | Горанка Матиќ | Алекс Млинарчик | Петре Николоски | Ахмет Огут | ОПА | ОХО | Ирена Паскали | Геза Пернецки | Душан Перчинков | Марко Погачник | Дмитриј Пригов | Нихо Пушија | Јозеф Робаковски | Дритон Селмани | Недко Солаков | Младен Стилиновиќ | Раша Тодосијевиќ | Ендре Тот | Игор Тошевски | Горан Трбуљак | Симон Узуновски | Стано Филко | Венко Цветков | Виолета Чаповска | Что Делат | Небојша Шериќ-Шоба. Напомена: Изложбата вклучува содржина наменета за публика над 18 години. За време на посетата, посетителите ќе може да ја погледнат и тековната изложба „Земјата која се промислува постојано...“ На оваа изложба, седум филозофи од различни делови на светот влегуваат во дијалог со седум уметници со кои почувствувале интензивна резонанца околу прашањата за земјата. Куратор: Рик Долфијн

Share this post: