Мицкоски: Безбедносната состојба е стабилна, можно е поскапување на нафтата
2026-03-05 - 15:07
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна, една недела по избивањето на конфликтот на Блискиот Исток, но не ја исклучи можноста за економски последици, особено преку раст на цените на нафтата. „Можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, тука пред се мислам на притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и на гасот. Повеќе на нафтата бидејќи ние немаме премногу голема зависност во делот на гасот. Полека завршува и грејната сезона, така што од тој аспект, а и македонската индустрија нема голема развиена мрежа во делот на гасот, можеби во делот на нафтената индустрија ќе имаме одредени притисоци. Ќе треба да се зголемува цената, но и тука разгледуваме со Министерството за финансии да намалиме во делот на акцизата, да намалиме во делот на даноците, да видиме кои се нашите можности за да го намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски. Во однос на македонските државјани во погодените региони, Мицкоски информираше дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во завршна фаза на организирање евакуација. Обезбеден е превоз за граѓаните кои се наоѓаат во Бахреин, Катар и Обединети Арапски Емирати, а се планира евакуација и на оние што се во Израел и околните земји. Трошоците за превоз ќе ги покрие државата.