Се уредува просторот околу болницата во Кочани
2026-03-09 - 12:07
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со градоначалникот на општина Кочани, Владко Грозданов денеска ја посетија Општата болница со проширена дејност во Кочани, со цел увид во моменталната состојба и отпочнување конкретни чекори за уредување на просторот околу болницата и средување на асфалтните површини. Кога пристапот е домаќински, резултатите се видливи. Денес тука гледаме видливи резултати по 30 години. Пристапот и инфраструктурата во здравството се составен дел од системот и не го опфаќаат само внатрешниот, туку и надворешниот дел. Благодарност до градоначалникот којшто за кратко време направи организација за средување на просторот. Ние како Влада и Министерство работиме на враќање на довербата во јавното здравство, посветени сме на три главни столбови, меѓу кои човечките капацитети и инфраструктуранта промена, рече министерот Алиу. Тој нагласи дека денешната посета е продолжение на институционалната грижа за Кочани, каде кон крајот на ноември минатата година, при посетата на овој регион, со отворањето на регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка, беше истакната важноста на јакнењето на здравствените услуги, особено во делот на психолошката поддршка. Во следниот период ќе се изврши чистење на вегетацијата и расчистување на површините во дворот на болницата – простор кој не бил соодветно одржуван изминатиот период, со што ќе се овозможат нови паркинг места, а паралелно е предвидено и демонтирање и отстранување на модуларната болница, за дополнителни капацитети за паркинг. Во следната фаза е предвидено и етапно реновирање на делови од болницата.