Уште колку? Алармот одамна ѕвони, ние се уште молчиме
2026-03-03 - 10:48
Колку уште треба да се случи? Алармот не почна вчера. Тој ѕвони со години. Ѕвони кога жена ќе пријави насилство и ќе си замине дома незаштитена. Ѕвони кога дете покажува агресија, а сите велат „ќе видиме“. Ѕвони кога во државата имаме проширена истрага за сериски убиец. Ѕвони кога институциите си ја префрлаат одговорноста како топка што никој не сака да ја фати. И секојпат ние се тешиме дека ова е изолиран случај. Колку аларми треба да ѕвонат истовремено за да признаеме дека не живееме во „изолирани инциденти“, туку во системски распад? Кога пријавите стануваат рутина, а реакцијата изостанува – тоа не е пропуст. Тоа е навика. Кога училиштето вели „немоќни сме“ – тоа не е решение. Тоа е предупредување. Кога по трагедија ќе слушнеме „се постапува“ – тоа не е утеха. Тоа е доцнење. Колку пати треба да слушнеме дека имало пријави? Колку пати треба да слушнеме дека некој знаел? Колку пати треба да се отвораат истраги за да сфатиме дека нешто длабоко не функционира? Ова повеќе не е прашање на една институција. Ова е прашање на држава што реагира само кога ќе има ковчег. Не смееме повеќе да слушаме „немоќни сме“, „во тек е постапка“, „ќе се утврди дали имало пропуст.“ Секогаш е исто – имало пријави. Имало знаци. Имало и предупредувања. Но некој не постапил. Некој проценил дека не е итно. Некој одлучил дека ризикот не е доволен. Некој смета дека додека нема дело нема постапка. А брзо потоа доаѓа и делото. И тогаш не боли... Пропустот веќе се гледа. Се гледа во бројките. Се гледа на гробиштата. Се гледа во училниците. Агресијата во оваа држава се толерира. Се релативизира. Се минимизира. Се префрла од институција во институција, од канцеларија во канцеларија додека не стане трагедија. А агресијата не паѓа од небо. Таа расте во тишина. Таа се храни од молк. Таа станува посилна секогаш кога некој ќе одлучи да не реагира. И додека тоа трае се случува најстрашното – се навикнавме. Се навикнавме дека жена што пријавува насилство треба да докажува дека ѝ е загрозен животот. Се навикнавме дека училиштата немаат механизам да реагираат кога детето е очигледно ризик – за себе или за други. Се навикнавме дека институциите ќе се „самоиспитуваат“ по секој следен случај. Се навикнавме дека ќе има соопштение, ќе има комисија, ќе има тишина. Се навикнавме да бараме одговорност кога веќе солзите не печат, не болат... И кога времето ќе залечи да замолчиме. НЕ. Не смееме повеќе да се навикнуваме. Не смееме повеќе да живееме во држава каде што предупредувањата се игнорираат додека не стане доцна. Не смееме повеќе да прифаќаме дека „така било“. Не смееме повеќе да слушаме дека нема механизам. Ако нема механизам – создадете го. Ако нема капацитет – изградете го. Ако нема волја – тогаш признајте дека проблемот не е во законите, туку во односот кон животот. Ова не е момент за уште една комисија. Ова е момент за будење. Секојпат кога ќе се премолчи агресијата, следниот чекор е поголем. Секојпат кога ќе се игнорира пријава, следниот сигнал е посилен. Секојпат кога ќе се одложи реакцијата, ризикот расте. И кога конечно ќе стане неподносливо – сите ќе се прашуваат „како дојде до ова“. Не дојде одеднаш. Се гледаше. Се слушаше. Се пријавуваше. Колку уште жени треба да пријавуваат пред да ги заштитиме? Колку уште деца треба да покажат агресија пред да реагираме сериозно? Колку уште истраги треба да се прошират за да признаеме дека нешто фундаментално не функционира? Алармот одамна ѕвони. Прашањето не е дали го слушаме. Прашањето е зошто одбираме да молчиме. Да одбереме да не молчиме. Затоа што ако не го направиме тоа сега – следниот наслов веќе се пишува.