TheNorthmacedoniaTime

Балкански рис угинал на патот Ресен-Охрид, МЕД апелира да се градат зелени мостови за безбедно движење на дивиот свет

2026-02-25 - 09:36

Балкански рис угинал на патот Ресен-Охрид, откако, веројатно бил удрен од возило додека преминувал на необезбеден пат. како што информираат од Македонското еколошко друштво животното ќе се пренесе на Факултетот за ветеринарна медицина за да се направи обдукција, како и анализа на примероци. „По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД. Мета.мк досега многупати пишуваше за потребата од изградба на зелени премини со кои ќе се обезбеди безбедно движење на дивиот свет преку инфрастуктирните објекти со кои луѓето ја узурпираат природата. Од МЕД апелираат дека зачувувањето на критично загрозените видови како што е балканскиот рис мора да претставува приоритет и секогаш кога се планира сообраќајница, мора да се посвети особено внимание на обезбедување на нивното безбедно движење. Заради потрагата по храна, партнер или заради одгледување на младите ним им требаат еколошки коридори, односно зелени премини кои ќе им овозможат нивно слободно движење во природата. Дивите животни треба да добијат своја инфраструктура за да се избегнат судирите со патиштата по кои се движат човекот и возилата. Во периодот од 2019, 2020 и 2021 според информациите на МВР се случиле 505 сообраќајни несреќи кои биле предизвикани од животни, заради што експертите препорачале изградба на биокоридори и обновување на евиденцијата за бројот на заштитени животни.

Share this post: