TheNorthmacedoniaTime

Изложба на Страхил М. Петровски, промоција на книга на Љупчо Јолевски и музички перформанс на Добрила Грашеска во Куманово

2026-03-17 - 15:53

Мултимедијален настан кој ќе опфати самостојна изложба, промоција на книга и музички перформанс ќе се одржи на 27 март (петок) од 20 часот во Музеј Куманово – Уметничка галерија Куманово. „Прашина и сенки“ е насловот на самостојната изложба на уметникот Страхил М. Петровски, потоа ќе следи промоција на најновото издание на книгата на новинарот „Дијалози за слободата“ од Љупчо Јолевски и за крај музички перформанс на Добрила Грашеска. Промотор е Коста Милков, а дизајнот на промотовниот материјал е на Лазе Трипков. Повелете на убава емоција и дружба во организација на Здружението ФАБРИКА КОНЦЕПТ, со поддршка на Фондација за култура и спорт и Општина Куманово, вели организаторот. Во „Прашина и сенки“ ја истражувам тенката линија помеѓу присуството и неговиот одраз, помеѓу материјата и нејзиниот распад. Прашината ја перцепирам како физичка метафора за време, меморија и минливост, додека сенките ја претставуваат трагата на присуството, одраз што постои дури и кога изворот е отсутен. Проектот не раскажува конкретна приказна, туку создава простор за контемплација и саморефлексија. Светлината, темнината и текстурата на материјалите се алатки преку кои се создава динамика на трага и празнина, на видливо и невидливо. Гледачот станува учесник во процесот на откривање – станува свесен за кревкоста на формите и неизбежниот тек на времето. „Прашина и сенки“ е за мигот помеѓу појавата и исчезнувањето, за она што останува кога формата се распаѓа, и за начинот на кој се формира свеста за присуството низ траги, сенки и материјална субстанца. Тоа е покана да се сретнеме со конечноста на сè, а во исто време и со тивката вечност што секогаш останува во прашината и сенките..., вели Страхил М. Петровски. Љупчо Јолевски е новинар кој животот и работниот век ги посветил истражувајќи го феноменот наречен „култура“. Значителен дел на оваа негова посветеност е магичниот свет на уметноста. Ваквиот профил на дејност претпоставува ерудиција во класична смисла на зборот. Со својот професионален опус на интереси тој може да се нарече „ренесансен човек“. Познати се неговите новинарски текстови и книги посветени на музиката и на културата. Во „Дијалози за слободата“ пâк, Јолевски преку своите новинарски вештини и познавања од уметноста им дозволил на сликарите и на скулпторите, на визуелните уметници да ја изложат суштината на она што тие го создаваат со бои и со глина. Боите и глината се само материјалот или медиумот со што авторот во соговорниците поттикнува да посегнат по најдлабоките предели на нивната душа, срце и ум, за од нив да ги извадат на виделина своите мотиви, мечти, таги, радости, болки, задоволства и над сѐ човечност. Се работело ли за интровертни или за екстровертни личности, Јолевски од секој за секој од нив го има „клучот“ за тие со зборови да го надополнат она што го раскажуваат со нивните уметнички дела. Она што е заедничко за сите уметници е нивната увереност дека уметноста има моќ, ако не директно да го смени, тогаш да го раздвижи општеството и да го поттикне размислувањето за важни прашања во денешницата, а од чиј одговор ќе зависи животот на непосредната генерација која следи, но и на многу идни генерации, вели промоторот д-р Коста Милков.

Share this post: