Платформата за родова еднаквост бара системски измени за поефикасна заштита на жртвите на насилство
2026-03-05 - 09:37
Платформата за родова еднаквост апелираше до Владата и Собранието да бидат направени системски измени кои ќе обезбедат поефикасна заштита на жртвите на насилство. Од Платформата постенцираат дека последниот трагичен случај на семејно насилство во кој животот го загубија мајката и нејзината 6 годишна ќерка е резултат на нефункционалниот систем за заштита кој на „хартија“ постои уште од 2004 година. „Во целиот овој период државата не презеде суштински напори да го промени пасивниот пристап, а усвојувањето на закони, политики и стратегии не беше проследено со обезбедување на потребните финансиски и човечки ресурси за нивно спроведување во пракса“, велат од Платформата за родова еднаквост. Сметаат дека случаите со фатални последици по жртвите и нивните блиски, во Велес, Шуто Оризари и Скопје, како и фактот дека во последните години секој ден во полиција се пријавуваат повеќе од 15 случаи на семејно насилство, мора да бидат аларм за суштинска промена на пристапот на државата кон овој сериозен општествен проблем. Тие апелираа до Владата и Собранието претстојното усвојување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026-2033 да го искористат како почетна основа за оваа промена и фактичко подобрување на состојбите. Истовремено побараа Владата да го утврди како приоритет соодветното планирање и распределбата на потребните буџетски средства за доследно спроведување на првиот акционен план 2026-2029 година, со јасно утврдено и прогресивно годишно зголемување на наменските средства за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, од страна на Владата, надлежните министерства и ЕЛС. „Повеќе од 20 години опстојуваат истите системски слабости кои оневозможуваат ефективна заштита на жените кои секојдневно трпат семејно насилство во домот, во местото каде што сите треба да бидеме најбезбедни и најсигурни: занемарена превенција на семејното насилство, неефективни законски механизми за заштита и ограничен пристап до мерки, услуги и права за помош и поддршка за жртвите. Свесни сме дека семејното насилство е доста комплексен општествен проблем што бара делување во повеќе приоритетни области и координација на различни институции и поединци. Вредно е да се напомене дека имало примери на навремено и професионално постапување, но тие случаи повеќе се исклучок, а не правило: практиките не се воедначени на ниво на цела држава, слаба е соработката помеѓу институциите која често се сведува на ад-хок комуникација, а отсуствува и континуитет во примената“, велат од Платформата. Од таму апелираат буџетските средства приоритетно да се насочат кон клучните компоненти што обезбедуваат навремена и ефективна заштита и поддршка на жртвите како што се обезбедување финансиски, човечки, просторни и технички ресурси за јакнење на капацитетите на Центрите за социјална работа и полицијата, превенцијата на насилството, преку континуирани национални кампањи, едукација на сите кои имаат директен или индиректен контакт со жртвите, како и обезбедување на финансиска поддршка во периодот на транзиција 12 месеци по напуштањето на насилната заедница, бесплатна секундарна правна помош во сите постапки, здравствени услуги и долгорочно домување за жените жртви на насилство. „Последните трагични случаи мора конечно да бидат пресвртница, државата да премине од декларативни мерки кон реална, координирана и финансирана заштита на жените и децата. Како граѓански организации со долгогодишно искуство во оваа област, стоиме на располагање за суштински придонес во креирањето и практичната примена на мерките што ќе ја направат оваа промена возможна“, велат од Платформата.