TheNorthmacedoniaTime

Поморската мисија на ЕУ предупредува дека нападите на Хутите можат да го попречат бродскиот превоз

2026-03-29 - 07:54

Поморската мисија АСПИДЕС на ЕУ, предупреди дека проиранската милиција на Хутите во Јемен може да ги нападне меѓународните бродови во Црвеното Море и источниот дел на Аденскиот Залив. Бродовите во областа би можеле да бидат цел, соопшти мисијата со седиште во Лариса, Грција, повикувајќи ги превозните компании чии бродови се наоѓаат во регионот да бидат особено внимателни. Предупредувањето доаѓа откако милицијата на Хутите вчера ги продолжи своите ракетни напади врз Израел, поддржувајќи го Иран во конфликтот. Бродскиот сообраќај низ Црвеното Море и Аденскиот Залив исто така би можел да биде изложен на ризик, а бродовите поврзани со Израел или САД треба да избегнуваат минување низ Црвеното Море и Аденскиот Залив каде што е можно, се вели во предупредувањето на АСПИДЕС. „Воените капацитети на Хутите во моментов се сметаат за недопрени и значителни“, се наведува во соопштението. Црвеното Море и Аденскиот Залив се клучни трговски рути, потсетува ДПА. Израел и САД почнаа координирани напади врз Иран на 28 февруари за време на преговорите за ограничување на способноста на земјата да создаде нуклеарно оружје. Иран отсекогаш инсистираше на тоа дека неговата нуклеарна програма е само за мирнодопски цели. Освен што ефикасно ја затвори Ормуската Теснина, клучна рута за превоз на глобалните резерви на нафта и гас, Иран одговори со лансирање напади врз Израел, како и врз земјите од Заливот сојузници на САД. Ограничувањата во Ормуската Теснина, која е од витално значење за глобалниот пазар на нафта и гас, предизвикаа нагло покачување на цените на енергенсите.(МИА)

Share this post: