TheNorthmacedoniaTime

Државата и Општината да не дозволуваат градби во Охрид кои не се во согласност со Планот за управување, бараат од Охрид СОС

2026-02-27 - 10:37

Сите урбанистички планови и акти мора да бидат усогласени со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029) без разлика кога се донесени, велат од еколошката организација Охрид СОС. Тоа, според нив особено важи за проекти како комплексот „Горица 3“ и градежните активности во близина на Студенчишко блато. Екологистите реагираат на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките што на крајот од јануари годинава го достави Министерството за култура и туризам до УНЕСКО и во кој државата тврди дека овие проекти не се стопирани бидејќи се планирани пред донесувањето на планот. Тие посочуваат дека со донесувањето на Планот за управување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се донесени, мора да се применуваат и спроведуваат согласно неговите услови, режими на заштита и ограничувања. Ова е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнаа во 2024 година — четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена е веќе во тек и обврзувачка. „Во врска со Препораката 11а од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која од македонските власти јасно се бара итно да ги забранат градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“ сè до изготвување на стратегиска оценка и процените за влијанијата за сите проекти врз наследството, укажуваме на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Во одговорот на страница 24 од Извештајот доставен до УНЕСКО, како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ е урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба е издадено во 2012 година — односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029). Но, ова штуро образложение воопшто не кореспондира со реалноста и се чини како оној што го пишувал одговорот да не е воопшто запознаен со Планот за управување и она што од него произлегува“, велат од Охрид СОС. Посочуваат дека особено загрижува фактот што не е испочитувана ниту експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина. Градежните работи не само што не се прекинати, како што е побарано од страна на Комитетот за светско наследство, туку тие продолжуваат со несмалено темпо. Не е направена ни бараната стратегиска оцена, како ни процените за влијанијата за сите проекти. Одговорот на оваа препорака е сумиран во една единствена реченица, без воопшто да се спомне она што е реално побарано во дадената препорака 11а. Велат дека во Стратегискиот план за рехабилитација, државата во 2023 година си зацртала дека во рок од една до две години ќе изврши ревизија на издадените одобренија за градење кои не се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, но во извештајот како активности за спроведување на оваа обврска навела дека е формиран Централизиран кризен координативен штаб за имплементација на Стратегискиот план, кој функционира директно како тело на Владата и работи под нејзини инструкции, како и дека штабот почнал да работи во јануари 2026 година односно со доцнење од три години. „Со ваквиот пристап, повеќе од јасно е дека македонските институции не го почитуваат Планот за управување, Стратегискиот план за рехабилитација, не ја почитуваат одлуката и препораката на УНЕСКО, доведувајќи го во ризик статусот и интегритетот на Охридскиот Регион како светско наследство. Заштитата на Охридскиот Регион не е административна формалност — таа е уставна, законска и меѓународна обврска. Наследството не смее да биде жртва на институционална небрежност. Оваа власт, исто како и претходните, не се однесува кон светското наследство како кон обврска, туку како кон пречка што треба административно да се „менаџира“. Така, меѓународниот надзор се користи за купување време, во полза на финансиски интереси од неконтролираниот урбан развој“, велат од Охрид СОС. Од таму бараат итно запирање на градежните активности во Горица и спроведување на обврските согласно Препораката 11а и Стратегискиот план за рехабилитација, целосна транспарентност на надлежните институции и усогласување на сите урбанистички и градежни активности со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029) и наведуваат дека за ова ќе го известат и Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

Share this post: