TheNorthmacedoniaTime

Русија ја експлоатира војната со Иран, вели Зеленски

2026-03-15 - 11:56

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја искористи војната на Блискиот Исток за да предизвика „уште поголемо уништување“ во Украина. Тој рече дека на Украина и се потребни системи за воздушна одбрана без оглед на тоа што се случува на други места. Американско-израелската војна со Иран доведе до тоа многу ракети за воздушна одбрана да бидат искористени, пишува Би-Би-Си. Коментарите на Зеленски дојдоа откако Русија започна уште едно масовно воздушно бомбардирање во текот на ноќта кон саботата, во кое беа убиени најмалку пет лица. Околу 500 дронови и ракети беа лансирани за време на последниот бран руски напади. Иако повеќето беа пресретнати, имало жртви и штети низ целата земја. „Главната цел за Русите беше енергетската инфраструктура во регионот но за жал имаше и директни удари и штети на обични станбени згради, училишта и цивилни бизниси“, изјави Зеленски. Четири лица се убиени во регионот на Киев, а многу повеќе се повредени во последните напади, соопштија украинските власти. Подоцна, руски напад врз станбена област во близина на Запорожје, наводно одзел уште еден живот, а ранети се 18 лица. Ова не го претставува најголемото руско бомбардирање што го видела Украина, но е меѓу позначајните лансирани во последните месеци. „Русија ќе се обиде да ја искористи војната на Блискиот Исток за да предизвика уште поголемо уништување тука во Европа, во Украина“, изјави Зеленски. Украинскиот лидер истакна дека нападите се потсетник за партнерите на Киев дека воздушната одбрана е „секојдневна неопходност“ за Украина. Кризата со снабдувањето со нафта предизвикана од блокирањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран – клучен бродски пат – би можела да и користи на Русија. Откако цената на нафтата се искачи на околу 100 долари за барел, администрацијата на Трамп привремено ги укина санкциите за руската нафта што веќе беше натоварена на бродовите во обид да ја ограничи цената. Иако Москва го поздрави потегот, Зеленски, заедно со неколку европски лидери, ја критикуваше одлуката.

Share this post: