Муцунски и Трипуновски на средби за земјоделски реформи и рурален развој во Брисел
2026-03-24 - 15:35
Соработката и реформите во областа на земјоделството и руралниот развој, спроведувањето на ИПАРД III програмата, како и за зајакнувањето на институционалните и административните капацитети на државата беа во фокусот на средби на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер, и со пратеници во Европскиот парламент. Како што соопштуваат од МНРиНТ, на средбите станало збор за клучните надворешнополитички приоритети, реформските процеси и актуелните регионални прашања. -Беа разменети мислења за европската перспектива и динамиката на пристапниот процес на државата и регионот, при што беше нагласено значењето од обезбедување доследна и кредибилна поддршка за политиката на проширување во услови на актуелните геополитички предизвици-стои во соопштението од МНРиНТ. Посебен акцент, како што дополнуваат, бил ставен на перспективите за проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, поддршката од Европскиот парламент за забрзување на пристапниот процес, како и на неговата улога во целокупниот процес на европска интеграција. Министерот Муцунски остварил и средби со пратеници во Европскиот парламент – Карло Реслер, Дан Барна, Тијс Ројтен, Матеј Тонин и Ирена Јовева. -На средбата со европратеничката Јовева, стана збор за евроинтеграцискиот процес на државата, при што министерот изрази искрена благодарност за принципиелната поддршка на овој пат-дополуваат од министерството.