Грејната сезона, зима на „смртта“: Тетово со години со загаден воздух (Инфографик)
2026-02-23 - 10:07
Грејната сезона во Северна Македонија се истакнува со високо загадување на воздухот и смог, и покрај Скопје, Тетово е еден од градовите со највисоко загадување. И оваа зимска сезона нашата земја не најде спас од овој проблем, чиј главен причинител останува начинот на греење. Статистиките зборуваат за илјадници смртни случаи како последица на загадувањето на воздухот, додека пак граѓаните се жалат дека загадувањето им предизвикува здравствени проблеми. Граѓанското општество со години алармира за последиците од загадувањето, но за властите здравјето на граѓаните никако да стане приоритет, пишува Порталб.мк. Покрај Скопје, Тетово не заостанува многу по загадувањето на воздухот. И зимската сезона 2025/2026 беше проследена со загадување на воздухот, честопати рангирајќи не на врвот на светските листи според загадувањето на воздухот. Дека загадувањето на воздухот е алармантно и сериозно потврдуваат домашните и меѓународните извештаи. Северна Македонија останува една од земјите со најголем број смртни случаи како последица на загадениот воздух. Минатата година Институтот за јавно здравје објави дека во рок од една година се регистрирани 3.583 смртни случаи поради загадениот воздух. Овие податоци покажуваат дека загадувањето на воздухот е реална закана и има директно влијание врз животот и здравјето на граѓаните. Со почетокот на зимската сезона овој проблем се продлабочува дополнително поради греењето во домаќинствата, а најголемо загадување има во вечерните часови или во деновите со пониски температури. Просечните дневни вредности на PM10 честичките, чиј праг е 50 микрограми на кубен метар (μg/m3) и просечната вредност на PM2.5 честичките, чиј праг е 25 μg/m3, честопати се многу повисоки од максималните дозволени вредности. Загрижувачки податоци Дека проблемот со години останува нерешен покажуваат податоците за загадувањето, кои секогаш во месеците ноември, декември, јануари и февруари го достигнуваат својот пик. Загадувањето на воздухот во Тетово. Годишна просечна вредност на РМ10 честичките, 2004-2024 86.09 μg/m3 „Имаме здравствени проблеми” Некои од главните загадувачи што граѓаните ги идентификуваа за Порталб.мк се горењето на пластика, горењето на отпад во продавниците, горењето на супстанции со различен хемиски состав, горењето на електрични кабли и други предмети. Според граѓаните, домаќинствата и бизнисите се главните загадувачи на воздухот. „Некои сиромашни семејства купуваат евтини остатоци од мебел од несовесни сопственици, кои наместо да платат за нивното отстранување, профитираат со труење на граѓаните. Многу жители се жалат на болка во градите, вртоглавица, главоболка, слабост итн. Има и од оние кои побарале и медицинска помош“, рече еден граѓанин. Граѓаните бараат построги и поефикасни мерки од институциите за загадувачите на воздухот. „Фирмите, посебно разните работилници како што се механичарските кои согоруваат автомобилско масло и други токсични супстанции. Тие можат лесно да се контролираат и казнат, а исто така и да се забранат“, рече еден граѓанин. Друг граѓанин кој живее во село во близина на Тетово рече дека го чувствува загадувањето кога доаѓа во градот. „Јас живеам во полупланинско село во близина на Тетово, таму во селото воздухот е чист, но кога доаѓам во градот, речиси секој ден поради работа, брзо го чувствувам загадувањето во носот и градите, во дишењето. Тоа не е во ред“, рече тој. Давидовски: Децата и постарите лица се најмногу изложени на ризик Начинот на греење останува еден од главните фактори на загадувањето, вели доктор Ратко Давидовски. „Карактеристично за зголемувањето на загадувањето на воздухот е кога започнува грејната сезона, особено во јануари бидејќи имаме температурни инверзии, влијае и метеоролошкиот аспект, но и сообраќајот, градежништвото, иако не многу во овој период, но гледаме дека се гради, потоа општинската хигиена, сите овие фактори влијаат, особено кај децата до пет години, постарите лица над 60 години и хронично болните“, изјави Давидовски. Абдулаи: Здравјето на граѓаните не е приоритет на институциите Еколошката активистка Елмедина Абдулаи вели дека општината мора да преземе сериозни и транспарентни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и справување со оваа криза која што го загрозува животот во Тетово. „Контролите и одлуките на Општинскиот инспекторат исто така не се објавени, со што граѓаните не се информирани за мерките што се преземаат, ако воопшто се преземат било какви мерки. Проблемот се влошува со греењето на јавните згради со загадувачки супстанции, како и преоптоварениот сообраќај, што придонесува за влошување на условите за живот“, вели Абдулаи. Општина Тетово: Изречени се казни Од Општина Тетово не одговорија на новинарските прашања за ова прашање. Во меѓувреме, минатата година, оваа институција објави дека изрекла околу 40 казни за физички лица во износ од 50 до 800 евра, а за правни лица од 1.000 до 1.800 евра, како и околу 80 опомени за лица кои ја загадиле животната средина. Во изборната програма од претходниот мандат 2021/25 на градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, со која дојде на чело на општината, се предвидени многу мерки за зачувување на природата и животната средина. Но, освен некои симболични активности, повеќето од овие ветувања не се исполнети. Касами вети слични мерки и во својата програма 2025/29. Хоџа: Имаме два планa Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа, изјави дека спроведуваат два плана/програми против загадувањето на воздухот. „Едниот е краткорочен, шестмесечен и се однесува на периодот од ноември до март. Исто така имаме и поширок шестгодишен план што го спроведуваме како Влада, кој го наследив како нов министер за животна средина и со кој се предвидени низа долгорочни мерки што ќе влијаат на намалување на загадувањето на воздухот, почнувајќи од индустриите, домаќинствата и сообраќајот“, вели Хоџа. Како да постапите кога воздухот е загаден? Согласно препораките на Институтот за јавно здравје, во услови на високо загадување на воздухот треба да се остане дома ако нема потреба да се излегува. „Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите лица треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Лицата со астма може да имаат потреба почесто да го употребуваат својот инхалатор. Да се употребуваат маски со докажана ефикасност. Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата и по потреба, ако почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен лекар или во болница. Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Не ги отварајте прозорите во вашиот дом. Употребувајте прочистувачи на воздух без јонизатор. За загадувањето граѓаните можат да ја тужат државата , ама тешко дека ќе добијат И додека граѓаните чекаат институциите да преземат мерки, тие можат да ја тужат државата за да го остварат своето право за чист воздух и за своето здравје. По одлуката која ја донесе Врховниот суд во октомври 2024 година, граѓаните можат да поднесат тужба до Управниот суд против државата доколку нивното здравје е во опасност. Оваа одлука на Врховниот суд следуваше по иницијатива поднесена од невладина организација. Сепак, адвокатите објаснуваат дека дури и ако се поднесе тужба, државата прво мора да ги усвои потребните стратегии, а за надомест на штетата мора да се воспостави судска пракса. Последователни аларми од национални и меѓународни извештаи Во јануари 2025 година еден извештај на Euronews истакна дека Северна Македонија е една од земјите најпогодени од загадувањето на воздухот, што значи дека има најголем број на смртни случаи како последица на загадениот воздух. Извештајот на УНИЦЕФ од септември 2024 година покажа дека во Северна Македонија смртноста кај новороденчињата како последица на загадениот воздух е 11,6 %, односно 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст под една година. Светската Банка во декември 2024 година објави дека загадувањето на воздухот убива околу 2.800 граѓани на земјата годишно, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2.5 честички, во споредба со граѓаните во западноевропските земји. Извештајот на Институтот за јавно здравје објавен во 2024 година, истакнува дека во 2023 година речиси 18% од вкупната смртност во Република Северна Македонија може да се припише на изложеноста на моменталните концентрации на PM-2.5 честички. Загадувањето на воздухот постојано се споменува и од страна на EУ како хроничен проблем на Република Северна Македонија. Скопје доста често се рангира на врвот на листите на најзагадени градови во Eвропа и во светот. Поради загадениот воздух често се одржуваат и протести. Сите овие алармирања не беа доволна причина за политичарите и институциите во Република Северна Македонија да преземат итни мерки за решавање на овој проблем.