СЗО се огласи, еве колкав е ризикот за ширење на вирусот нипах надвор од Индија
2026-01-30 - 10:29
Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека постои низок ризик од ширење на вирусот нипах од Индија и дека не препорачува воведување ограничувања за патување или трговија откога во земјата беа потврдени два случаја на зараза. СЗО наведе дека Индија има капацитет да ги спречи таквите епидемии и дека нема докази за зголемен пренос на вирусот од човек на човек, со напомена дека е во постојана координација со индиските здравствени власти. Истовремено, не е исклучена можноста за понатамошно изложување на вирусот, кој циркулира меѓу популацијата на лилјаци во делови на Индија и соседен Бангладеш. По потврдата на заразени во Индија, Хонгконг, Малезија, Сингапур, Тајланд и Виетнам оваа недела ги заострија аеродромските контроли за да спречат евентуално ширење на вирусот. Вирусот нипах го пренесуваат овошните лилјаци и животните, како свињите, а кај луѓето може да предизвика треска и воспаление на мозокот. Стапката на смртност се движи од 40 до 75 отсто, не постои регистриран лек, а вакцините сè уште се тестираат. Преносот од лице на лице е отежнат и обично бара долготраен близок контакт. Според наводите на виролозите, ризикот за општата популација останува низок. СЗО соопшти дека изворот на актуелната инфекција сè уште не е целосно разјаснет и оти вирусот нипах се класифицира како приоритетен патоген поради високата смртност и недостигот на лиценцирани вакцини или лекови. Двајца здравствени работници заразени кон крајот на декември во источната индиска држава Западен Бенгал се наоѓаат на болничко лекување, соопштија локалните власти. Ова е седма документирана епидемија на нипах во Индија и трета во Западен Бенгал. Индија, особено сојузната држава Керала, редовно пријавува спорадични случаи на инфекцијата од 2018 година.