TheNorthmacedoniaTime

Трамп најавува „излезни опции“ по нападите врз Иран: Операцијата може да заврши за неколку дена

2026-02-28 - 20:36

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за Аксиос дека располага со неколку „излезни опции“ по започнувањето на воената операција „Епски без“ (Epic Fury) против Иран наведувајќи дека кампањата може да трае подолго или да заврши во рок од два до три дена. Во телефонско интервју за Аксиос од неговиот дом во Мар-а-Лаго, Трамп рече дека има избор „да продолжи и да го преземе целиот“ Иран или да ја заврши операцијата за неколку дена и да им порача на Иранците дека ќе се соочат со нова интервенција доколку повторно започнат со обнова на нивните нуклеарни и ракетни програми. Според него, на Иран ќе му бидат потребни години да се опорави од тековните напади. Изјавите претставуваат прв појасен увид во размислувањата на Трамп за можниот исход од операцијата во момент кога разговорите меѓу САД и Иран пропаднаа во Женева. Кратка воена акција проследена со нови услови би значела поинаков пристап од сценариото за промена на режимот кое претходно го споменаа дел од американските и израелските функционери. Трамп наведе две главни причини за започнувањето на нападите. Првата, како што рече, била неуспехот на преговорите што ги воделе неговите претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. „Иранците се доближуваа до договор, па се повлекуваа. Разбрав дека навистина не сакаат договор“, изјави тој. Втората причина, според него, е однесувањето на Иран во изминатите децении. Трамп тврди дека побарал од својот тим да состави список со ирански напади во последните 25 години и заклучил дека „секој месец направиле нешто лошо“. Тој исто така тврдеше дека Иран започнал со обнова на дел од нуклеарните објекти погодени во нападите минатата година за време на т.н. 12-дневна војна. Иако независни аналитичари забележале градежни активности на одредени локации, тие не заклучиле дека Техеран повторно започнал нуклеарна активност. Според Трамп, претходната операција „Полноќен чекан“ (Midnight Hammer) во која биле уништени или сериозно оштетени три нуклеарни објекти, ја овозможила сегашната кампања. Тој оцени дека без тие напади Иран можеби веќе ќе развиел нуклеарно оружје што би ја направило сегашната интервенција невозможна. САД и Израел ја започнаа најамбициозната воена операција во регионот во последните децении, со цел не само да ги ослабат иранските воени капацитети, туку и да создадат услови за евентуална смена на режимот. Според американски функционер, оперативниот план предвидува интензивна воздушна кампања од најмалку пет дена, но Трамп посочи дека временската рамка може да се менува во зависност од развојот на настаните. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „постојат големи знаци“ дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи можеби е убиен во израелски напад врз неговиот комплекс иако официјална потврда засега нема. Трамп изјави дека разговарал со Нетанјаху по започнувањето на заедничката операција нагласувајќи дека „се на иста бранова должина“. Белата куќа информираше дека американскиот претседател разговарал и со лидерите на Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Share this post: