Дурмиши: Воведуваме фер ангажман – легална и заштитена сезонска работа во угостителството, земјоделството и домаќинствата
2026-03-04 - 13:17
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во Тетово одржа работна средба со претставници на угостителскиот сектор, земјоделци и стопанственици од Полошкиот регион, на која беше презентиран Законот за работно ангажирање на лица како нов модел на фер и законски уреден сезонски и повремен ангажман. Тој истакна дека целта на законското решение е да се воспостави баланс помеѓу потребата на компаниите за флексибилност и обврската државата да обезбеди заштита на работниците. Со овој закон воведуваме фер ангажман – работа која е легална, пријавена и со уплатени придонеси. Им даваме можност на компаниите полесно да одговорат на сезонските потреби, а на работниците им гарантираме сигурност и заштита – изјави министерот. Дурмиши нагласи дека мерката има особено значење за Тетово, каде угостителството претставува една од најразвиените дејности. Со новото решение, угостителските објекти можат да ангажираат сезонски кадар – келнери, готвачи, шанкери, собари, доставувачи и друг персонал – до 10 лица или до 10% од вкупниот број вработени, преку поедноставена електронска постапка. Министерот посочи дека законот не се однесува само на угостителството, туку опфаќа и земјоделство, шумарство и рибарство, каде е овозможено сезонско ангажирање до 180 дена годишно, како и дејности во домаќинствата, како што се чување деца и грижа за стари лица. Според него, ова решение претставува чекор напред во формализирањето на економијата и намалувањето на сивата зона, без да се загрозат стекнатите права на граѓаните. Невработените лица нема да ги изгубат своите права, студентите и пензионерите можат дополнително да работат, а минималниот надоместок по час е поврзан со минималната плата. Ова не е замена за редовно вработување, туку јасно уреден инструмент за сезонски и повремени потреби – нагласи министерот. Тој додаде дека како министер кој потекнува од Тетово чувствува дополнителна одговорност политиките да дадат конкретни резултати на локално ниво, преку поддршка на малите и семејните бизниси и создавање услови за легално вклучување на младите на пазарот на труд. Министерството за економија и труд ќе продолжи со теренски средби и консултации со стопанството со цел ефективна имплементација на законот и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот на труд.