TheNorthmacedoniaTime

Награда од публиката за македонскиот анимиран филм „Неми филмови“ на Фестивалот за анимиран филм во Лисабон

2026-03-23 - 09:54

Изборот на MONSTRA – Фестивалот на анимиран филм во Лисабон беше веќе доволно возбудлив за мене... Добивањето на наградата од публиката... Не знам што да кажам, напиша Крсте Господиновски на социјалните мрежи. Краткометражниот анимиран филм на македонскиот автор Крсте Господиновски, „Неми филмови“, во продукција на Фокус Покус Филмс и Флип Бук Продакшнс и поддржан од Агенцијата за филм, е работен по сценарио на Крсте Господиновски, Жарко Иванов и Димитар Димоски, кое е инспирирано од истоимениот расказ на Димитар Димоски, награден на книжевниот конкурс на „Нова Македонија“. „Неми филмови“ е приказна за едно мало кино сместена на залезот на немото доба, каде една поранешна филмска ѕвезда, маскирајки ја својата згасната слава, решава да проектираисклучиво неми филмови. Неговиот син спокојно расне во овој илузорен свет, несвесен за промените што се одвиваат вон неговите ѕидови, сè дур едно необично откритие не ги разниша неговите уверувања, нарушувајќи го веќе кревкиот однос со неговиот татко. Филмот е изработен во техниката куклена стоп анимација и она што го прави исклучително специфичен е фактот што целиот филм е изработен во еден непрекинат кадар. Како продуценти се јавуваат Димитар Димоски и Дарко Попов (Фокус Покус Продакшн), а копродуценти се Жарко Иванов (Флип Бук Продакшнс) Раду Николае и Дорин Стелеску (Опал Продакшн). Жарко Иванов е директор на анимација заедно со Гоце Господиновски. За кинематографијата се потпишуваат Горан Наумовски, Димо Попов, Крсте Господиновски, дизајнер на звукот е Горан Петровски, композитор на музика е Владимир Лукаш. Сценографијата е на Крсте Господиновски, Викторија Динева и Тамара Радојковиќ, која исто така е и асистент на режија.

Share this post: