Деребан: Правосудниот испит е одложен поради утврдени слабости и потреба од постручен и потранспарентен процес
2026-03-26 - 11:43
Пролонгирањето на февруарската сесија за полагање на правосудниот испит е резултат на детектирани слабости во системот и потребата да се обезбеди поквалитетен, пообјективен и потранспарентен процес, истакна заменик-министерот за правда Ален Деребан, одговарајќи на пратеничко прашање од Оливер Спасовски. Тој нагласи дека Комисијата за полагање на правосудниот испит е веќе формирана од министерот за правда, при што биле запазени принципите на транспарентност, стручност и висок квалитет на процесот. Одложувањето, како што рече, било оправдано поради сериозни забелешки за начинот на спроведување на испитот во изминатите години. Имаме аргументи и докази дека во минатиот период испитот го полагале лица на високи државни функции и членови на нивните семејства кои не ги исполнувале ни законски пропишаните услови, посочи Деребан. Според него, загрижувачки е и фактот што над 90 проценти од кандидатите го полагале испитот во последните пет години, што, како што рече, го доведува во прашање квалитетот на процесот, имајќи предвид дека уверението за положен правосуден испит е услов за избор на високи правосудни функции. Дополнително, Деребан посочи дека со години постоел и сериозен проблем со просторните услови, поради што кандидатите полагале во различни судови и административни простории, бидејќи Министерството за правда нема адекватен простор за одржување на испитите. -Одложувањето е со цел да се обезбеди постручен и потранспарентен процес. Сесијата не е откажана, сите кандидати кои требаше да полагаат во февруари ќе го остварат тоа право во април, истакна Деребан. Заменик-министерот информираше дека програмата за полагање била предмет и на ревизија, а во Министерството е формирана и нова комисија која ќе го спроведува административниот дел од процесот. Пратеникот Спасовски реагираше дека одложувањето не може да се оправда со тоа што Министерството прави анализи како да го подобри процесот, бидејќи тие, како што рече, требало да бидат завршени одамна. Рековте дека комисијата е формирана и дека нема просторни услови, тоа можам да го прифатам. Но не можам да прифатам како аргумент дека две години анализирате што треба да се смени. Младите правници не можат да чекаат уште две години, нагласи Спасовски. Тој укажа дека одложувањето на февруарската сесија ја загрозува и обврската од законот да се одржат редовните испитни рокови и додаде дека младите правници трпат директни последици.