Промоција на книгата „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ од Зоран Пејковски во Битола
2026-03-23 - 09:13
Во среда, на 25 март, во рамките на одбележувањето на роденденот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, ќе биде промовирана најновата научна книга на Зоран Пејковски од областа на медијавистиката, насловена: „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“. Станува збор за труд кој произлезе од подолг истражувачки процес и научен ангажман, насочен кон продлабочено согледување на ликот, делото и духовното наследство на Св. Климент Охридски, но и неговата рефлексија во современата македонска културна и творечка стварност. Книгата има за цел да ги осветли начините на кои овој голем македонски просветител продолжува да инспирира и да живее во современата книжевност, уметност и културна мисла. Објавувањето на делото е поврзано и со два значајни јубилеи: 1.140 години од формирањето на Светиклиментовиот универзитет во Охрид и 1.110 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски – еден од темелните столбови на словенската писменост, духовност и образование, чиј придонес има трајна вредност не само за македонската, туку и за пошироката словенска културна традиција. За книгата ќе говори рецензентот, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, која во својата оценка истакнува дека трудот нуди нови и оригинални согледувања за духовниот и книжевниот профил на Св. Климент, при што особено се нагласува неговото континуирано и динамично присуство во современата македонска култура. Според неа, книгата претставува значаен придонес во современите медијавистички истражувања и отвора простор за понатамошни научни интерпретации.