TheNorthmacedoniaTime

Љутков во пресрет на Саемот за туризам: Руралните семејства се бренд-амбасадори на Македонија, наша гордост, историја, традиција и култура

2026-01-30 - 13:59

Околу 50 излагачи од цела Македонија – производители на органска храна, локални деликатеси, зимници, слатка и други традиционални преработки, пчелари, мали, семејни винарии, но и туристички агенции, се само дел од учесниците на Саемот за туризам: рурални домаќинства што ќе се одржува утре и задутре во Скопје. Организаторите најавуваат два дена исполнети со автентични вкусови, знаења, искуства и инспирација од македонското рурално богатство, програма со презентации, дегустации, гастрономски работилници, музички перформанси и разговори на тема рурален и одржлив туризам. Влезот на Саемот е бесплатен, а посетителите ќе добијат ваучер со 15 отсто попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат. Како што беше речено на денешната прес-конференција по повод Саемот, руралните семејства се бренд-амбасадори на Македонија, наша гордост, историја, традиција и култура. Во земјава досега се мапирани повеќе од 100 рурални домаќинства, а според последните податоци, за една година двојно е зголемен интересот кај младите за развој на еко-туризмот. Има и преку 4 000 земјоделски домаќинства, секое со потенцијал за развој на рурален туризам. Со оглед дека недостасуваат сместувачки капацитети, битно е вмрежувањето на домаќинствата – едни да нудат производи, а други сместувања. Саемот предвидува и креативни, како и едукативни детски работилници, но и средби со луѓе кои ја живеат и ја споделуваат руралната приказна. На едно место ќе ги обединиме најавтентичните агро-еко приказни од Македонија, ќе ги приближиме руралниот и искуствениот туризам до пошироката јавност и ќе покажеме дека патувањето не е само дестинација, туку и доживување, поврзување и учество во секојдневниот селски живот, велат од „Јавна соба“, која е еден од организаторите и местото каде ќе се одржува овој настан. Додаваат и дека е педвидена богата програма за домашни и странски посетители, туристички професионалци, семејства и за сите љубители на автентични рурални доживувања. -Саемот ќе го промовира локалното производство и директното поврзување на посетителите со производителите. Секој производ носи своја приказна, регионален идентитет и знаење пренесувано на генерациите. Овој настан е дел од пошироката визија за одржлив и креативен туризам, развој на туризмот по должината на трасата Е-75, развој на руралните средини и акцентирање дека посетителот во Македонија не е само гостин, туку активен учесник – некој што останува подолго, учи, вкусува и се поврзува со местото и луѓето, потенцираат од „Јавна соба“. Во рамки на Саемот ќе бидат достапни информации за организирани активности во руралните домаќинства, настани во природа за групи и поединци, како и гастрономски и вински пакети. Промовиран ќе биде и публикација за агро-еко туризам – вид прирачник за руралните семејства што треба да им помогне во градењето и развојот на бизнисот. Саемот го организираат Министертвото за култура и туризам, „Јавна соба“, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ

Share this post: