TheNorthmacedoniaTime

Министерот Перински на увид во градежните работи во Домот на културатата во Градашорци каде што Мис Стон ќе добие спомен соба

2026-03-04 - 10:37

Мис Стон ќе добие спомен соба во реновираниот Дом на културата во селото Градашорци, во Општина Василево. Ова го изјави градоначалникот на Василево, Слав Андонов, кој заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински извршија увид во градежните работи во реновирањето на овој објект, објави МИА. Според Андонов, во собата на Мис Стон ќе бидат сместени најразлични историски податоци и документи кои укажуваат не нејзиното движење во пограничниот регион, односно во општините Василево и Кресна (Бугарија), но и го опишуваат овој историски настан. Покрај изградбата на спомен соба ќе имаме и културно-информативен центар којшто се гради за прв пат во нашата Општина. Со проектот се планира и набавка на електрични велосипеди, мапирање на туристичка патека која ќе биде во делот на браната „Турија“. Сметам дека овој проект ќе го реализираме успешно во партнерство со Општина Кресна, но и со Министерството за локална самоуправа, рече градоначалникот Андонов. Министерот Перински истакна дека овој проект произлегува од програмата на пограничната соработка ИНТЕРЕГ со Република Бугарија за кој Министерството за локална самоуправа е задолжено за негово спроведување. Ова е една додадена вредност во дел на реализиација и имплементација на проекти и на сето тоа кога ќе се надополни и помошта која како Влада ја дадовме кон општините преку првиот и вториот јавен повик и е навистина голема посебно за оваа општина, некаде околу 115 милиони денари за имплементација на 6 проекти, навистина ќе се потврди фактот дека за нас како Влада не постои заборавена општина, рече министерот Перински. Инаку, завршувањето на реновирањето на Домот на културата во Градашорци се очекува во август годинава. Општина Василево доби 302.357 евра, а главната цел на проектот е да се подобри туристичкиот потенцијал на прекуграничниот регион преку интеграција на креативни индустрии, дигитални алатки и зелени решенија, создавајќи атрактивна четирисезонска туристичка понуда и нови можности за локален економски развој.

Share this post: