TheNorthmacedoniaTime

Институциите на системот потфрлија и имаат голем уддел во смртта на мајката и ќерката во Карпош

2026-03-03 - 11:07

Голем уддел во вчерашната смрт на мајката и ќерката во Карпош имале институциите на системот, кои затаиле во овој случај, и не реагирале на пријавите и укажувањата дека со години се соочуваат со семјено насилство, сведочат соседите и роднините на починатите. „После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, ќе напише братот на починатата, Александар Стојановски, на социјалните мрежи, додавајќи дека „државата овозможи да згаснат млади животи“. Тој побара јавноста и медиумите да се фокусираат на овој случај „со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија“. „Нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден“, додава Стојановски. Со објави на социјаните мрежи се огласија и неколку сосетки на трагично починатите. „Поминав од таму, со дете за рака, кратко по трагедијата. Видов полиција, затворена улица, но никој не ме застана да ме предупреди за било што. Ги видов покриени“, напиша една од нив. „Зборувала, пријавувала, викала, никој не ја слушнал, никој не помогнал! Пријава во полиција најчесто поминува со опомена! Таков е законот. Сменете го законот Пријава во социјално поминува со ‘разговор’. Таков е законот. Сменете го законот. Во тоа социјално речениците, најчесто се следни: Не ти го биравме ние сопругот, сама си си го избрала’-проследено со цинична насмевка“, додава таа. Уште една од сосетките на починатата јавно објави дека 150 стана во зградата не успеале да ја сочуваат од монструмот кој секојдневно ја малтретирал и тепал. „Сите сме виновни во оваа приказна и ние и сите Институциите исто така!“, додаде таа обвинувајќи го партнерот на починатата дека тој е монструм и е единствениот виновен за нивната смрт. „Не ја обвинувајте мајката очигледно тој и бил последниот излез од мракот во кој што беше“, додава таа. Трета сосетка, пак, која исто така сведочела на трагичниот настан, напиша дека се присетила на преписка во комшиската вибер-група, каде во мај 2025 година друга сосетка повикала полиција за да спречи семејно насилство. „Многу нешта се погрешно поставени во нашето општество. И за многу нешта не сме способни, зрели и решителни да ги надминеме, да ги решиме и да застанеме во одбрана на правдата. Социјалните служби, полицијата и правосудните органи премногу често потфрлаат во вакви ситуации. Ако една жена пријавувала семејно насилство, а притоа не биле изречени заштитни мерки како: забрана за приближување, забрана за контактирање, отстранување од домот, ако немаме институции што навистина ќе ги заштитат децата, тогаш никој од нас не може да се чувствува безбеден“, додава таа. Откако цело попладне вчера Јавното обвинителство вршеше увид на местото на несреќата без да сподели информации за случајот, утрово оттаму се огласија со соопштение дека партнерот на починатата мајка и најверојатно татко на детето е задржан во полиција на информативен разговор. „Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност. Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации. Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите“, информираат во ОЈО. Во истото соопштение на Обвинителството, наводно, првичните сознанија укажувале дека во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Јавен обвинител, како што додаваат во ОЈО, побарал детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави. Инаку, по смртта на младата мајка и нејзината малолетна ќерка, Министерството за внатрешни работи само кусо информира дека околу 14:15 часот бил пријавен случајот а тие на лице место констатирале дека се починати.

Share this post: