Визуелно-тонска приказна на Страхил Петровски, Љупчо Јолевски и Добрила Грашевска денеска во Музејот во Куманово
2026-03-27 - 08:52
Во уметничката галерија на Музејот Куманово, на 27 март со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи мултимедијален настан во рамките на кој уметникот Страхил Петровски ќе има самостојна изложба насловена „Прашина и сенки / Dust and shadows“, ќе биде промовирано најновото издание на книгата „Дијалози за слободата“ од авторот Љупчо Јолевски, а ќе се одржи и музички перформанс на Добрила Грашеска. – Во оваа наша визуелно-тонска приказна, свое засебно место ќе имаат и младата кантавторка Веда Спасовиќ (чија пројавност е бележита на домашната, но и на интернационалната сцена, особено со успешното учество на ПИН музичката конференција на фестивалот „Пасфорд“) и импро џез-дуото Глигор Кондовски (виолина /композитор) и Филип Методиев (гитара), кои полека излегуваат на виделина на регионалната арт-сцена со своите авангардни концертни настапи. Инаку, со „Прашина и сенки“ уметникот Страхил Петровски ја истражува тенката линија помеѓу присуството и неговиот одраз, помеѓу материјата и нејзиниот распад. – Прашината ја перципирам како физичка метафора за времето, меморијата и минливоста, додека сенките ја претставуваат трагата на присуството, одраз што постои дури и кога е отсутен изворот. Проектот не раскажува конкретна приказна, туку создава простор за контемплација и саморефлексија. Светлината, темнината и текстурата на материјалите се алатки преку кои се создава динамика на трагата и празнината, на видливото и невидливото. Гледачот станува учесник во процесот на откривање, станува свесен за кревкоста на формите и за неизбежниот тек на времето – вели Петровски. „Прашина и сенки“, всушност, зборува за мигот помеѓу појавата и исчезнувањето, за она што останува кога се распаѓа формата и за начинот на кој се формира свеста за присуството низ траги, сенки и материјална супстанција. Тоа е, како што вели уметникот, покана да се сретнеме со конечноста на сè, а во исто време и со тивката вечност што секогаш останува во прашината и сенките. Настанот е во организација на Здружението „Фабрика Концепт“, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт и на Општина Куманово.