TheNorthmacedoniaTime

Лажно опишување на Иран како недолжна жртва и лажна паралела со војната во Украина

2026-03-08 - 08:09

Објава на Фејсбук обвинува за двојни аршини, затоа што некои сочувствуваат со Зеленски и неговиот отпор против Русија, а не и со Иран и неговиот отпор против САД и Израел, но таа паралела е лажна – за разлика од Украина, Иран не е недолжна жртва на агресија. Тој спонзорира терористи (Хезболах, Хамас, Хутите), блуе омраза кон САД, Израел и сунитите, ја помага руската агресија врз Украина и ги угнетува дури и самите Иранци, а се сомничи и дека развива нуклеарно оружје, пренесува Вистиномер. Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели: На Иран му изразивте ли сочувство за загубите, или Иран, според принципите на стратешкиот ви, не е суверена држава? Треба да го ислушате обраќањето на Милановиќ и барем нешто да се обидете да поднаучите. И Хрватска е членка на НАТО, и на ЕУ е, но такво вазалско однесување нема. Но, зошто се чудиме, за вас и Зеленски е херој. / си го пренесов коментарот што го оставив под објавата на Мицкоски./ Срам ми е што е Македонија на погрешната страна на историјата. На страна на агресор кој во име на ” својата национална безбедност”, економски интереси и каубојска политика, руши и уништува други суверени држави. Објавата ги осудува за двојни аршини оние кои сочувствуваат со Володимир Зеленски и неговиот отпор против Русија, но не и со Иран и неговиот отпор против САД и Израел. Таа тука го поставува прашањето зарем Иран не е суверена држава, која има право да се брани и зарем таа не е жртва на агресија, која заслужува сочувство? Меѓутоа, случаите со Украина и Иран се потполно различни и таа паралела е лажна, а Иран не би можел баш да се опише како недолжна жртва на агресија. Исламистите го водат Иран уште од 1979 г. и тие самите уште од старт воделе агресивни политики. На 4 ноември истата година тие дури насилно ја зазеле амбасадата на САД во Техеран, по што нејзиниот персонал го држеле во заложништво дури 444 денови. Иран уште оттогаш спонзорира терористи како Хезболах во Либан, Хамас и Палестински исламски џихад во Газа и Ансар Алах (Хутите) во Јемен, а нивни главни мети се „Големата Сатана“ Америка и „Малата Сатана“ Израел – како што се изразува иранскиот режим. Тој го нарекува Израел и „канцер“ на светската мапа и отворено се залага за негово збришување. Да нема забуни, Иран не бара Израел да се реформира или коригира, туку просто сака да го уништи. Според Иран, Израел ќе исчезне до 2040 г., па во центарот на Техеран е дури поставен часовник, кој тоа го одбројува. А, кога на 7.10.2023 г. Хамас тргна во масакри и грабнувања на израелски цивили, иранското собрание тоа го прослави со овации. Иранскиот режим скоро не нуди ништо освен терор, па нејасно е какво сочувство за него бара објавата што ја рецензираме. Иран разгорува судир и меѓу муслиманите, така што се меша во разни војни како во Либан, Ирак и Сирија, кај што ги преферира шиитите на штета на сунитите (со одредени исклучоци). Заради верската блискост меѓу шиитите и алавитите, Иран го поддржуваше семејството Асад, кое со децении брутално владееше со Сирија и кое го угнетуваше сунитското мнозинство во таа земја. Тоа доведе до војна, во која посебно се истакнаа сунитските екстремисти од Исламската држава, во споредба со кои Асадовци и Иран делуваа како далеку попристојна опција, но ни тие не беа ангели. Иранците тогаш отворено даваа експанзионистички изјави дека Сирија е нивна провинција, додуша не мислеа на буквална анексија на територија, туку на политичко влијание. Такво штетно влијание тие имаат и врз Либан преку нивниот сојузник Хезболах, кој бил формиран со помош на Исламската револуционерна гарда на Иран. Хезболах во Либан делува како „држава во држава“, особено на неговиот југ, а со тоа Иран го дестабилизира Либан и практично го растура како држава. Хезболах учествувал во тамошната Граѓанска војна (1975 – 1990), а во даден период ја поддржувал и сириската окупација на Либан (1976 – 2005). Иран ги тероризира и сопствените граѓани, кои многупати масовно протестираа. Тој брутално им ги крши човековите права, особено на жените, а озлогласен е и по егзекуциите, цензурата и шеријатските полициски патроли. Иронично, авторот на објавата, која сега ја рецензираме, е жена, но таа не покажува интерес за проблемите на иранските жени. Иран ја помага руската агресија врз Украина со дронови Шахед 131 и 136, кои под називите Герањ 1 и 2 лиценцно се произведуваат во Русија. Нејзе Иран ѝ испорача и дронови Мохаџер 6, ракети Фатех 360, како и воени инструктори за тие оружја, но и артилериска и друга муниција. Русија изврши дури и илегална анексија на украински територии, но ниту Американците, ниту Израелците немаат изјавено дека планираат такво нешто во Иран, што е аргумент повеќе дека меѓу војната во Иран и онаа во Украина нема паралели. Територијалната целосност на Иран тука не се доведува во прашање, туку само неговиот актуелен режим. Објавата споменува растурање на држави, можеби мислејќи на сепаратистите во Курдистан, Балочистан и други региони во Иран, кои САД и Израел би можеле да ги искористат како сојузници. Такви идеи има, но Бенјамин Нетанјаху ги повика во борба за демократски Иран сите негови жители, наведувајќи ги сите негови етнички групи, што е повик за единство, а не за сепаратизам. Дали тој став ќе се промени понатаму – не можеме да нагаѓаме. Пред почетокот на актуелниов конфликт, Меѓународната агенција за атомска енергија јави дека повеќе нема увид во иранската нуклеарна програма, која, наводно, е само за мирнодопски цели. Иако нема јасни докази дека Иран веќе поседува нуклеарно оружје, има стравувања дека тој ја злоупотребува таа програма и дека доста напреднал во напорите да го создаде тоа оружје. Но, дури и тоа да е мит, иранскиот режим секако има куп гревови и „скелети во плакарот“ – како што некои би се изразиле. На крај го заклучуваме следново. Неспорно е дека Иран е суверена држава, која е нападната од страна на САД и Израел, но објавата тенденциозно ја премолчува предисторијата на тој напад и низа важни и непријатни факти за иранскиот режим, па оценуваме дека објавата страда од недоречености, соодносно од недостаток на контекст. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Share this post: