Антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс денеска во Кинотека
2026-01-30 - 08:08
Антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето. 30 ЈАНУАРИ (ПЕТОК) 20:00ч НЕБОТО НАД БЕРЛИН (Wings of Desire / Der Himmel über Berlin) Игран филм, Германија / Франција 1987, 127 мин., колор/црно бел, ДЦП Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders) Сценарио: Вим Вендерс, Петер Хандке, Ричард Рајтингер (Wim Wenders, Peter Handke, Richard Reitinger) Улоги: Бруно Ганц, Солвег Домартин, Ото Сандер (Bruno Ganz, Solveig Dommartin, Otto Sander) Двајца ангели, Дејмиел и Касиел, лутаат низ улиците на Берлин, набљудувајќи ги раздвижените жители. Тие можат да ги слушнат мислите – стравовите, надежите и соништата на сите смртници што живеат долу. Ангелите им праќаат невидливи знаци на надеж, но никогаш не комуницираат со нив. Кога Дејмиел се вљубува во осамената трапезистка Мерион, тој е спремен да се откаже од својата бесмртност. Копнее да го доживее животот во физичкиот свет и открива дека е можно тој да добие човечки облик. НЕБОТО НАД БЕРЛИН е една од најубавите градски кинематографски симфонии воопшто. Снимен непосредно пред падот на Берлинскиот ѕид, оваа прекрасна таписерија од звуци и слики, снимена во црно-бело и во боја од легендарниот Анри Алекан, го доловува духот на времето и засекогаш го направи името на режисерот Вим Вендерс синоним за филмска уметност. Возрасна категорија: 16 години Влезница: 150 денари