Мицкоски: Систематизацијата во институциите е нормален процес, правичната застапеност во МВР ќе се запази
2026-03-24 - 11:54
Процесот на систематизација во институциите е нормален и треба одвреме навреме да се случува. Правичната застапеност во систематизацијата во МВР ќе се запази, за тоа апсолутно никој да нема грижа, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната маса „Воведување уставна жалба?“ за потребата од систематизација во МВР и како ќе се запази правичната застапеност, тој појасни дека законот, кој доби позитивно мислење од Венецијанската комисија ќе помине на следната Владина седница, а потоа ќе се најде пред пратениците. Апсолутно имаме потреба од нова систематизација во многу институции. И тоа е нормален прицес. Процес кој апсолутно треба од време на време да се случува, затоа што потребите и навиките се менуваат. Дека ќе има правична застапеност, тоа апсолутно никој да нема грижа. Правична застапеност ќе има – рече Мицкоски. Владата, нагласи, нема намера да политизира нешто што е Уставно право на некого. Тука да немате дилема. Има опозициски политички партии кои што со конструкции и измислици се обидуваат да создадат поларизација во општеството, но ние поинаку се однесуваме – истакна премиерот. Прашан за коментар за вчерашната посета на Тетово, каде на министерката за образование и наука Весна Јаневска од новинар и беше поставено прашање дали има со себе преведувач и оти претходно и било укажано кога ќе оди во Тетово треба да има преведувач со неа, Мицкоски посочи дека некои луѓе не заслужуваат коментар. Понекогаш тоа што нема коментар не значи дека некој нешто заборавил да коментира, туку едноставно некои луѓе и не заслужуваат да бидат коментирани. Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите можат да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку влезете во таа естрада – изјави Мицкоски.