Жителите бегаат од југоисточниот дел на Украина додека фронтот се приближува кон Запорожје
2026-02-05 - 14:28
Во изминатите неколку недели, автобусите престанаа да сообраќаат од големиот град Запорожје до селото Тавриске во југоисточна Украина, оддалечено околу 50 километри од Запорожје. Како што војната со Русија се приближува, селото постепено се празни. Марина Вишневска, 35-годишна мајка на пет деца, изјави дека станало премногу опасно за неа и нејзиното семејство, меѓу ретките жители што сè уште останале, да продолжат да живеат таму, пренесува Ројтерс. „Мислевме дека тие, Русите, ќе бидат оттурнати назад и дека сето ова ќе заврши“, рече Вишневска додека го пакуваше семејството и неколкуте лични работи во полициски автобус за евакуација. „Но кога сфативме дека ќе станува само полошо и полошо, беше подобро да си заминеме.“ Додека Русија и Украина во средата започнуваат нова рунда мировни преговори со посредство на САД во Абу Даби, руските сили во последните месеци постепено напредуваат на различни делови од фронтот долг околу 1.200 километри. Покрај приближувањето кон таканаречениот „појас на тврдини“, односно група градови во источниот регион Донецк, руските трупи напредуваат и кон Запорожје, главниот град на една од четирите области што Кремљ ги прогласи за свои, иако контролира само дел од регионот Запорожје. Украинската армија соопшти дека борбите во последните недели значително се засилиле на клучни точки од југоисточниот фронт, особено околу градот Хулиајполе, кој се наоѓа на околу 40 километри источно од Тавриске. Во Тавриске и околните села, кои се наоѓаат на линијата на фронтот, опколени со руски сили од три страни, жителите за време на неодамнешната посета на Ројтерс изјавија дека живеат во постојан страв за своите животи поради заканата од напади со дронови и бомби. Полициски екипи и волонтери постојано патролираат по главниот регионален пат, покриен со мрежи против дронови, со цел да спасат жители кои се во опасност. Локалните власти соопштија дека речиси и да нема останато семејства во пошироката област околу Таврииске. „Секој ден, секоја недела, гледаме сè повеќе уништувања и сè поголем ризик при влегување во вакви населени места“, изјави волонтерот Влад Маховски, 51-годишен, облечен во тактичка опрема и шлем. На една локација, двајца мажи изнесуваа постара жена од трошна куќа, завиткана во светлорозов чаршаф. Наталија Федоренко, 66-годишна, се расплака додека зборуваше за сè поголемиот емоционален товар од животот во воена зона каде борбите се влошуваат. Како и Вишневска, и таа реши да замине. „Страшно е. Никој не сака да умре. Знам дека немам уште многу време, но ваква смрт...?“ рече таа.