TheNorthmacedoniaTime

На Државната лабораторија за животна средина сѐ уште ѝ фалат двајца вработени за да акредитира методи за воздух

2026-02-03 - 10:39

Уште двајца вработени недостасуваат за да може да се акредитира Државната лабораторија на Министерството за животна средина за метода за следење на квалитетот на воздухот. Иако Скопје, но и неколку други градови се соочуваат со огромно загадување на воздухот, особено во зимскиот период, земјава сѐ уште користи само приватни лаборатории кога треба да се извршат акредитирани мерења. Лабораторијата на Министерството е акредитирана само за методи за следење на квалитетот на водата и за бучава, но не и за воздух. Иако институцијата располага со квалитетен инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, за да се акредитира метода, лабораторијата мора да има тројца обучени вработени. Во моментов со инструментот работи само еден вработен, откако на неколку огласи во изминиатите три години, Министерството не успеа да најде уште двајца. Министерот Муамет Хоџа вели дека проблемот со екипирањето на Државната лабораторија делумно ќе се реши со преземање на вработен од друга институција, но и со повторно распишување на оглас за вработување на уште еден. „Државната лабораторија работи на подготовки да се акредитира со нови методи за воздух, за што еден од условите е екипирањето. Преговараме со министерството за финансии да ни одобри средства за вработување на еден вработен, а еден, со адекватни квалификации, ќе го преземеме од друга институција. Во меѓувреме се подготвува документацијата за акредитирање“, вели министерот Хоџа. Акредитирањето на методи за воздух се очекува подолг период, особено заради олеснување на работата на Државниот испекторат за животна средина. Директорката Ивана Гиновска вели дека компаниите имаат обврска да вршт мерења и податоците да ги доставуваат до инспекторите, а контрола се прави само доколку постои сомнеж. Сепак, и тоа е проблем за институцијата заради тоа што услугите на приватните акредитирани лаборатории се многу скапи за буџетот на ДИЖС. „Со акредитирање на Државната лабораторија, Испекторатот ќе може полесно да работи. Сега мерења на емисии во воздухот правиме само доколку се сомневаме во некои вредности. Сепак и тоа е ограничено заради буџетот што го имаме од 600.000 денари, додека едно мерење во лабораториите чини до 200.000 денари. А-интегрираните доволи ги обврзуваат самите инсталации да мерат и да доставуваат податоци до ДИЖС. Сега се ослонуваме и им веруваме на нив и не веруваме дека некоја компанија ќе си дозволи да манипулира со бројките. Сепак, кога ќе има акредитирана државна лабораторија во склоп на министерството многу полесно ќе биде и за инспекторите и за јавноста да веруваат во резултатите на капацитетите“, вели Гиновска. Таа посочува дека некои од инспекторите и не се обучени да земаат мостри, како што беше случајот со хаваријата во рудникот Тораница. Заради тоа во изминатиот период за нив беше организирана обука и беше направена стандардна оперативна процедура за земање мостри од води, а во фаза е изготвување е и правилник. Централната лабораторија е акредитирана за 20 методи за отпадни и површински води како и една метода за мерење на ниво на бучава во животна средина. Акредитирањето на Централната лабораторија за мерења на емисиите во воздухот беше едно од најчесто повторуваните барања на еколошките организации со цел да се помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување. Лабораторијата постои повеќе од четири децении, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година. Фактот дека не поседува акредитација за ниту една метода за воздух, е причина нејзините мерења на разни параметри на загадувањето да не се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите, заради што и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување.

Share this post: