TheNorthmacedoniaTime

Притвор за насилник од Свети Николе кој ја онесвестил од тепање неговата бремена девојка

2026-02-21 - 13:26

Надлежни од Основното јавно обвинителство во Свети Николе итно презеле дејствија за обезбедување докази и поднеле обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, како и за противправно лишување од слобода, информираат денеска од обвинителството. Обвинетиот на 19 и 20 февруари во семејната куќа во Свети Николе ја повредил неговата бремена девојка, со која живеел во семејна заедница. Тој ја ограничил нејзината слобода на движење, ја навредувал и физички ја нападнал со тупаници. Кога девојката се онесвестила, обвинетиот ја однел во бањата и ја освестил со ладна вода, а потоа продолжил со физичките напади, влечејќи ја за косата и удрувајќи ја со боксови по телото и главата. Оштетената, според информациите од обвинителството, се здобила со повеќе телесни повреди. Кога се обидела да избега, обвинетиот ѝ го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја. Заедно со обвинението, јавниот обвинител поднел предлог за определување притвор за обвинетиот. Во меѓувреме, се вршат проверки и по однос на други наводни дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ пред јавниот обвинител.

Share this post: