Д-р Синиша Стојановски: Големата трагедија за жал беше доказ дека здравствениот систем може да функционира со сите капацитети, да извлечеме поука како да го јакнеме
2026-03-15 - 18:37
Тоа утро и тие неколку дена коишто следеа бев сведок на една безрезервна колегијалност, највисока меѓусебна поддршка, соработка и комуникација и доказ дека здравствениот систем навистина може да функционира. Може да функционира со сите свои капацитети. За жал, доказот беше онаа голема трагедија која што не сплоти, но ни отвори простор да научиме многу како треба да се подготвуваме, како треба да комуницираме и функционираме на дневна основа и како треба здравствениот систем да го јакнеме во насока на поставување една национална здравствена стратегија која што ќе не подготви не само за ситуации како што беше трагедијата во Кочани, туку и за дневно функционирање, за потребите на нашите пациенти. Ова го нагласи д-р Синиша Стојановски, директор на ГОБ „8 Септември“, кој го модерираше панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ што се одржа во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“. – Би сакал да го изразам своето сочувство до сите жртви на оваа страшна трагедија која што се случи пред точно година дена. Целта на овој панел е да се фокусираме на националниот здравствен одговор, се што се случуваше тој кобен ден, тоа кобно утро, на кој начин нашите здравствени институции функционираа и на кој начин практично националната здравствена грижа успеа да даде максимум како во меѓусебната комуникација и координација, така и во згрижувањето, тријажата и акутниот третман на повредените, селекцијата на тоа кои од повредените требаше да бидат транспортирани во високо софистицираните центри, коишто се посветени и коишто работат со повредени од ваков тип изгореници и масовни катастрофи, и кои лекции ги научивме од оваа страшна трагедија, рече д-р Стојановски. Истакна дека фокусот на овој панел е на првичниот одговор на здравствените институции, за акутниот третман на пациенти коишто имале најчесто три типа повреди или комбинирани изгореници, трауми и токсични оштетувања, од инхалација на штетни токсични гасови, на прво место јаглероден моноксид, потоа тријажата и селекцијата на пациенти кој во која болница треба да биде згрижен, а потоа и тријажата и селекција на пациенти за транспорт кон високософистицираните установи во странство, и на крајот, што е она што треба да го извлечеме како поука од она што се случи, во насока на подготвување на капацитетите на нашиот здравствен систем за потенцијална следна трагедија или ситуација која што ќе има масовен број повредени од сличен карактер. -Тоа кобно утро најголемиот дел од болниците навистина добија насока да го мобилизираат својот персонал. Иако имавме податок дека се работи за голема трагедија, не бевме свесни колкав е навистина екстензитетот на трагедијата. Како што почнавме да ги добиваме информациите, полека сфативме дека се работи за трагедија која што е од голем размер и која што капацитетите на болниците коишто се инволвирани многу бргу ќе ги стави на тест. Посочи дека Клиничката болница во Штип направила и одлична тријажа и одличен иницијален третман на повредените, што практично овозможило на болниците во Скопје да добијат навремена информација, каков тип на пациенти ќе бидат трансферирани, за каков тип на повреди станува збор, со колкав екстензитет на повредите, и според него тоа само ја докажало функционалноста и на институциите на системот и на здравствените институции, коишто оваа трагедија ги сплоти во едно. – Она што се случуваше со пациентите коишто пристигнаа во болниците во Скопје, практично беше онаа тријажа за која што веќе претходно доктор Срцева даде свое експозе, но потоа тие пациенти од кога беа тријажирани, беа адекватно распределени согласно на типот на повреди на одделенијата коишто се во болниците во Скопје. Најголем дел од пациентите имаа различен степен на изгореници и тука во прв план беа веднаш ангажирани нашите пластични хирурзи, рече д-р Стојановски. Тој нагласи дека тријажата на пациентите тоа утро навистина била комплексна, затоа што покрај степенот на изгорениците, многу често пациентите имале и фрактури. – Многу често пациентите имаа и потреба да бидат ставени на респиратор, односно да бидат интубирани. Во целата таа конфузија, можам да кажам дека институциите меѓу себе навистина имаа одлична комуникација и конкретно во нашата болница на располагање беше ставен целиот хируршки тим на пластични хирурзи, што доктор Јасмина и нејзината екипа од Универзитетската клиника за пластична хирургија безрезервно го понудија. Таа меѓуинституционална соработка овозможи навистина да се направи адекватен иницијален третман и потоа пациентите коишто имаа можност да бидат третирани во нашите болнички капацитети да останат, а оние коишто имаа посериозни повреди да бидат транспортирани во центрите што се специјализирани за ваков тип на повреди, навремено да бидат истријажирани и испратени, рече д-р Стојановски. Стојановски потенцира дека во тие 24, 48, 72 часа целиот персонал од медицински работници, соработници и помошен медицински персонал безрезервно се ставиле во функција на здравствениот систем и на повредените. – Колегите воопшто не ни размислуваа да си одат дома, но сите беа постојано присутни и го даваа својот максимум. Во таа битка ни помогнаа и колегите кои дојдоа од Клиничкиот центар во Србија. Ние првите 24, 48 часа, покрај тријажата, правевме иницијален третман, и тие паралелно со нашите тимови влегуваа во сала, каде што можеа даваа совети, каде не се вклучуваа и директно во интервенциите што следуваа, за на крајот да имаме една ситуација каде што навистина она што се направи во тие први критични часови доведе до тоа најголем дел од повредените да не завршат со траен инвалидитет, односно некои од нив дури и со потешки последици, рече тој. Во целиот оној процес на тријажа на пациентите и прв иницијален здравствен одговор, додаде д-р Стојановски, имавме и пациенти кои беа критични уште во првите часови. – И тие пациенти, нашите колеги од интензивните единици, како од хируршката, така и од интернистичката, дадоа максимални напори да постапат онака како што налагаат правилата на акутна медицинска грижа, во ваков тип на повреди и ваков тип на катастрофи. Голем дел од тие пациенти, како што веќе и претходно напоменав, имаше потреба да бидат поставени на респиратор и да бидат мониторирани во единиците за интензивно лекување, рече д-р Стојановски. Тој оцени дека меѓуинституционалната соработка како со институциите на системот, така и институциите коишто го чинат здравствениот систем, секогаш треба да биде на највисоко ниво. – Потребно е да се инвестира во младите кадри, кои ќе бидат обучени за ваков тип на повреди и за третман на пациенти кои имаат и сериозни изгореници, меѓутоа и комбиниран тип на повреди коишто многу често изискуваат и интензивно лекување. Сме постапиле правилно во тријажата и во селекцијата на пациенти кои биле испратени во овие специјализирани установи надвор од државата, затоа што капацитетите на институциите на нашиот здравствен систем, во тој момент, беа навистина ставени на тест, и помеѓу нас колегите кога комунициравме баравме слободно место за прием на нов пациент. Солидарноста, нагласи д-р Стојановски, беше на највисоко ниво. – Оние лекции коишто се научија треба да влезат во националната стратегија што ќе биде стратегија за справување со ваков тип на катастрофи и трагедии. Она што треба да следи е поддршка за сите повредени, бидејќи нивниот пат допрва треба да биде во насока на нивна физикална рехабилитација и реинтеграција во системот, заклучи д-р Стојановски, на панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ што се одржа во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“.