TheNorthmacedoniaTime

ССМ со иницијатива за драстично намалување на платите на функционерите

2026-02-04 - 13:38

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) поднесе иницијатива за намалување на платите на пратениците и на другите избрани и именувани лица, за 80 отсто. Од Сојузот, бараат измена на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци, каде основица за пресметување на платата на пратениците и другите избрани и именувани лица е минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Досега, основица за пресметување беше просечната исплатена месечна плата. Исто така, од Сојузот бараат коефициентите за пресметка на платите и надоместоците на пратениците и функционерите да се намалат за 40 отсто. „Коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на плата утврдени во Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата се намалуваат за 40%. Ова значи за 80% намалување на функционерските плати“, стои во иницијативата. Иницијативата е поднесена, како што појаснуваат во Синдикатот, граѓаните да се еднакви пред националните закони, како и да се еднакви според и пред меѓународните акти и принципи, додавајќи дека ако анализите на Владата и работодавачите покажале дека вредноста на минималецот е доволна, тогаш потребно е да биде основица за пресметување на сите останати плати. „Потребно е појдовната основа за градење на платите на сите работници и граѓани во нашата држава да биде еднаква. ССМ се залага и инсистира на еднаков третман на сите плати во државата и смета дека е потребно да се измени горенаведениот член 11 и основицата за пресметка предвиден во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собраниетои другите избрани и именувани лица“, соопштуваат од ССМ. Во 2023 година, ССМ и Владата заеднички потпишаа општ колективен договор за јавниот сектор, во кој било договорено платите на вработените во јавниот сектор да се пресметуваат врз основа на просечната плата во државата. Овој модел бил преземен по истата логика што важи и за платите на функционерите, избраните и именуваните лица, кои исто така се врзани со просечната плата. Но, како што наведуваат од ССМ, иако Владата е потписник на договорот и иако тоа е во согласност со законот, таа не го спроведува договореното и не ги усогласи платите на јавните службеници според овој модел. Дополнително, наместо да го примени договорот, Владата бара целосно укинување на ова право, со што, според ССМ, директно се одзема договорено и законски утврдено право на работниците.

Share this post: