За Обвинителството најважно е што Груби е обезбеден и што за него ќе продолжи кривичниот прогон
2026-02-24 - 10:27
За Јавното обвинителство од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид, соопштија денеска оттаму. „Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи. Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, се наведува во соопштението од Обвинителството. Оттаму додаваат дека надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. „Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се додава во соопштението. МВР вчера го приведе Артан Груби, функционер на ДУИ и поранешен вицепремиер во Владата, на граничниот премин Блаце. Груби беше осомничен за злоупотреба на службената должност во случај поврзан во Државната лотарија за проневера од осум милиони евра при набавка на апарати. Груби ја напушти државата во 2024 година, а МВР издаде меѓународна потерница. Во меѓувреме, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое ја прифати заедничката иницијатива на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор за осомничениот Артан Груби. Изрекувањето на ваквата мерка предизвика многу реакции во јавноста.