„Макстил“ покриле дел од опасната прашина, инспекторатот бара целосно препакување во рок од три месеци
2026-02-24 - 11:47
На плацот зад челичарницата „Макстил“ е поставена најлонска покривка врз мал дел од искинатите и оштетени џамбо-вреќи со филтерска прашина, но според инспекциското решение отпадот треба да се препакува, а не само да се покрие, објави Призма. Државниот инспекторат за животна средина извршил вонреден надзор и утврдил дека опасниот отпад се чува несоодветно, што претставува ризик за животната средина. Во решението, инспекторатот ѝ дал рок од три месеци на компанијата да ги препакува и покрие сите вреќи што се чуваат на отворено, како и да го обележи отпадот и да изработи програма за соодветно управување. Што утврдил инспекторатот и какви санкции се најавени Во образложението на решението, како што пренесува Призма, се потврдуваат наодите дека прашината се излева во почвата од искинатите вреќи и дека нема соодветно обележување, а компанијата се соочува и со прекршочна пријава. Се наведува дека станува збор за прекршок од трета категорија (најтешка во рамки на прекршочните одредби според Законот за животна средина), со казни за големи компании од 180.000 до 200.000 евра, но се споменува и можност за спогодување со преполовување на износот. Зошто филтерската прашина е проблем Филтерската прашина се создава при топење старо железо во производство на челик и е опасна затоа што содржи цинк и други тешки метали. Според Призма, филтерот на електричната лачна печка треба да го спречи нивното ширење низ воздухот, а материјалот се пакува во џамбо-вреќи кои, според А-интегрираната еколошка дозвола, треба да бидат добро затворени. Надзори и рокови Надзорот бил спроведен на 2 февруари, решението е изготвено на 4 февруари, а објавено на интернет-страницата на 20 февруари 2026, пишува Призма. Во решението, според медиумот, не стои дали дел од прашината на плацот е чувана подолго од три години (максимално дозволен рок), по што треба да се предаде на обработка или да се извезе. Извоз: барања за 30.000 тони, а количината на плацот не е јасна Призма/БИРН наведува дека компанијата нема капацитет за преработка, па прашината ја купуваат металуршки компании што можат да извлечат цинк и други материјали, а остатокот да го сведат на неопасен отпад. Во текстот се посочува и дека на почетокот на годинава биле побарани дозволи за извоз на 20.000 тони во Бугарија и 10.000 тони во Саудиска Арабија. Медиумот додава дека не успеал да добие точни податоци колкаво количество во моментов се чува, но во последното решение се споменува дека во затворениот магацин има околу 700 тони, а останатото е на отворено. Според мерења на ангажирана фирма, цинковата прашина е распослана на 8.988 м2, што Призма го опишува како површина нешто поголема од стандардно фудбалско игралиште, со слој од два до три метри опасен отпад. Прашина со тешки метали на отворено зад „Макстил“: ризик за воздухот, почвата и водите