Концерт на Националниот џез оркестар и Renato Chicco
2026-02-19 - 07:46
Националниот џез оркестар, вечер, во 20 часот, во Македонската опера и балет, ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Renato Chicco. На концертот, под диригентство на Џијан Емин, ќе биде изведена програмата од албумот на Chicco, „First Encounter – Organ & Big Band“ – проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани. Специјален гостин на вечерта е Andy Watson (Њујорк) – бубњар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како Vanguard Jazz Orchestra и Toshiko Akiyoshi Big Band. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект. Renato Chicco е музичар чиј израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на Lionel Hampton и музички директор на Jon Hendricks & Company, Chicco делувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови како Blue Note и Birdland. Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој во проектот Organ & Big Band е поставен во центарот на оркестарскиот израз. Како што информира Националниот џез оркестар, денеска, еден час пред почетокот на концертот, на билетарницата на МОБ ќе бидат достапни билети со 50% попуст за студенти и пензионери кои ќе треба да приложат соодветен документ.